Економија
ГСОЛ им должи три плати на вработените во „Еуроникел“, истиот газда на вработените во „Фалкондо“ им исплати 13. плата и дел од јануарската плата
ГСОЛ, швајцарскиот фонд сопственик на фарбриките „Еуроникел“ во Кавадарци и „Фалкондо“ во Доминиканстата Република, навлече дополнителен гнев кај кавадарчани откога на вработените во „Фалкондо“ им исплати 13. палата и дел од јануарската плата, над 800 вработени во „Еуроникел“ ги остави уште да ги чекаат трите неисплатени плати за лани, а до крајот на месецот ќе бидат четири неисплатени плати. Вработените се револтирани и прашуваат која е разликата меѓу Македонија и Доминиканската Република и зошто на вработените на „Еуроникел“ им се должат 3 плати заклучно со декември 2023 година, а на вработените во „Фалкондо“ им се исплати и додатна плата.

Истиот газда, ГСОЛ, на вработените во „Фалкондо“ им исплатил и додатна плата, а над 800 вработени во „Еуроникел“ имаат три неисплатени плати
„И двете фабрики не произведуваат од октомври минатата година, но, како што известуваат медиумите, во Доминиканската Република под притисок од Министерството за труд, кое на 12 јануари му дало рок од една недела на инвеститорот ГСОЛ (GSOL) да ја исплати тринаесеттата плата, па не само што на 18 јануари е исплатена предметната плата туку е исплатен и дел од јануарската плата. Ние немаме ни кому да му се обратиме. Директорот избега, Државниот инспекторат за труд дојде, направи увод, кажа дека платите треба да се исплатат и толку, си замина. Исто и УЈП, ја блокираа сметката и толку. Одговорност за неисплатените плати никој не бара“, вели вработен во „Еуроникел“ за „Макфакс“.
Според објавите на локалните медиуми, Министерството за труд во Доминиканската Република нагласува дека нивната реакција била брза оти се посветени на заштита на работничките права. Според објавите, канцеларијата за министерот на труд најавила дека ќе продолжат да го држат под око работодавецот за натамошните плаќања кон работниците. Доминиканските власти јасно укажуваат дека посветеноста не се базира само на зборови, туку дека на барање на работниците тие веднаш ја презеле улогата на нивни претставници и укажале дека неисплаќањето плата ќе резултира со кривични постапки против работодавецот.
ГСОЛ преку „Еуроникел“ им должи на вработените не една – туку три плати, а од државните институции нема најави за нови постапки против работодавецот.
„Освен стандардното решение што го издава УЈП, со кое се блокира сметката на должникот, не се преземени никакви други мерки за да се осигури исплата на вработените. Нема кривична пријава од институциите, ниту какви билодруги притисоци и дејства што ќе осигурат заштита на работничките права. Единствено, Синдикатот најави кривична пријава против газдите од ГСОЛ, а неделава најавија дека и тие ќе поднесат барање за стечај надевајќи се дека можеби на тој начин ќе успееме да добиеме барем дел од она што ни го должи работодавецот иако неизвесно е што ќе впаричи ‘Еуроникел’ оти се знае дека целиот имот го презеде Комерцијална банка, но уште понеизвесно е кога ќе ги добиеме парите – ако воопшто некогаш ги добиеме“, објаснува вработен во „Еуроникел“.
„Макфакс“ побара објаснувања од Државниот инспекторат за труд за преземените мерки за заштита на вработените, но директорката не одговара ниту на телефонот ниту на прашањата испратени преку имејл.
Комерцијална банка извести дека прашањата за состојбата со фабриката и евентуалните заинтересирани инвеститори се испратени кај соодветните организациски единици, но одговори не испратија до објава на текстот.
Додека институциите молчат, кавадарчани стравуваат дека никогаш нема да ги добијат заостанатите плати. Бидејќи нема кому институционално да му се обратат, прашањата, дилемите и забелешките си ги објавуваат на социјалните мрежи.
„Ќе имаат за земање плати вработените. Фирмата е оставена без имот, кој преку хипотека ѝ е префрлен на Комерцијална банка. И да отворат стечај, може да се намират единствено доколку има останато имот или има побарувања од должници, а нема ни имот ни должници. Значи, за жал, слободно може да се простат“, стои во коментар на една од објавите за „Еуроникел“ на „Фејсбук“.
Во друг коментар, вработен во фабриката е разочаран што Синдикатот доцна се сетил да поднесе барање за стечај.
„Прилепската фирма има побарувања од 10.000 евра, како што наведуваат медиумите. Работниците за три месеци имаат побарувања од безмалку 1,5 милион евра и сега Синдикатот се приклучува кон барањето на далеку помал играч во однос на побарувањата. И какви се тие финални преговори што ги наведува Синдикатот, кои траат веќе со месеци, и колку очекува или колку треба да траат?“, револтирано прашува вработениот во „Еуроникел“.
Синдикатот најави дека ќе поднесе барање за стечај, кое ќе биде споено со веќе поднесеното барање за стечај на „Еуроникел“ од прилепска компанија, на која фабриката ѝ должи 10.000 евра. Претседателот Миле Ѓорѓиев денес не одговори на прашањата од „Макфакс“ дали веќе го поднеле барањето и какви други мерки ќе преземат за неисплатените плати на вработените. Тој минатата недела во изјава за „Макфакс“ рече дека имаат најави за заинтересирани инвеститори за фабриката, но на секој негов обид да дознае нешто повеќе добивал одговори дека се работи за класифицирани информации.
ГСОЛ веќе неколу месеци не одговара на прашањата од „Макфакс“ за проблемите во фабриката во Кавадарци. Швајцарскиот фонд не одгвори ниту на денешните прашања за неисплатените плати за три месеци во „Еуроникел“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

