Економија
Гувернерката на Народната банка на средби со колеги од централните банки од Европа

„Поволниот макроекономски амбиент, солидните движења и перформансите на банкарските системи во земјите од регионот на Западен Балкан се основа за посилен кредитен раст и натамошно продлабочување на финансиската интермедијација, во функција на поддршка на растот“,истакна гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, на традиционалниот форум на Виенската иницијатива 2, којшто заврши во четвртокот. Во своето излагање на сесијата посветена на економските состојби во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ), таа го стави акцентот на најновите движења и предизвиците за банкарскиот сектор на Западен Балкан. Ангеловска-Бежоска, меѓу другото, посочи и на позитивните движења во билансите на банките од регионот, постепеното забрзување на депозитниот и кредитниот раст, забележителните резултати поврзани со решавањето на нефункционалните кредити, како и на зајакнатата капитализираност и ликвидност на банките, што меѓу другото е одраз и на зајакнатата финансиска регулатива во посткризниот период.
Имајќи го предвид нивото на реална конвергенција на економиите, гувернерката ја истакна и потребата од создавање услови за поголема мобилизација на домашниот финансиски потенцијал, меѓу другото, и преку развојот на пазарите на капитал и на други облици на финансиско посредување, коишто се засноваат врз поголема примена на финтек, за што значајна улога може да одиграат меѓународните финансиски институции.
На оваа сесија на форумот учествуваа и високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Во дискусијата, меѓу другото се посочи дека и покрај поволните движења во регионот, и натаму постои потреба од будно следење на ризиците предизвикани од сѐ поголемите трговски тензии, постојаната геополитичка нестабилност, можноста за затегнување на глобалните финансиски услови, но и повисокото ниво на задолженост во некои од економиите.
Во рамки на форумот, гувернерката на Народната банка активно учествуваше во дискусијата и за други прашања важни за финансиската стабилност во овој дел на Европа. Учесниците заеднички констатираа дека колективната и координирана акција на домашните и локалните регулатори заедно со меѓународните финансиски институции, претставува основен предуслов за одржување и зајакнување на финансиската стабилност и за превенција од системски кризи во овој дел од Европа. Од форумот беше испратен повик кон сите релевантни институции, за обезбедување подлабока финансиска интеграција заради остварување нов, побалансиран модел на раст, со посебен акцент на финансирање на иновациите и на малите и средните претпријатија.
Претходно, Ангеловска-Бежоска учествуваше и на конференцијата организирана по повод десетгодишниот јубилеј од формирањето на Виенската иницијатива, со излагање за улогата на странските банки и за развојот на секторот финтек во регионот. Притоа таа посочи на предностите од присуството на прекуграничното банкарство за економиите, како што се олеснетиот пристап до странски извори на финансирање, којшто е особено важен во услови на недоволно домашно штедење, понудата на поширока палета кредитни и депозитни производи и поттикнувањето на штедењето, но и на придобивките во однос на корпоративното управување и управувањето со ризици. Меѓутоа, прекуграничното банкарство по својата природа значи и можност за пренос на надворешни шокови во домашната економија, особено доколку банкарскиот систем во поголема мера се потпира на странски кредитни линии.
„Нашата земја е една од малкуте земји од ЦИЈЕ коишто не се соочија со проблемот на раздолжување на домашните банки и запирање на финансиската поддршка од страна на матичните банки. Тоа секако е резултат на прудентните политики на централната банка, но и на претпазливото однесување на деловните банки.“ – потсети Ангеловска-Бежоска пред своите европски колеги. Таа посочи и на потребата од продлабочување на соработката меѓу домашните и локалните супервизори, како основен предуслов за ефикасноста на супервизијата, имајќи ја предвид доминатноста на странскиот капитал во сопственичката структура на банките од регионот.
Гувернерката на Народната банка го искористи своето учество на двата важни настани на Виенската иницијатива 2 и за да оствари поголем број одделни средби со своите колеги од централните банки од Европа, како и со претставници на меѓународните финансиски институции и на Европската комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.
Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.