Економија
Дваесет инвестициски проекти на македонски компании се доставени на јавниот повик за техничка помош на ТИРЗ и ИФЦ
Дваесет инвестициски проекти се доставени на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи на ТИРЗ наменет за македонски компании.
Апликантите се средни и големи компании од Кавадарци, Скопје, Струмица, Кочани и Битола. Компаниите се доминантно извозни со остварен приход од над 217 милиони евра во последната година. 65% од остварените приходи овие компании ги реализираат од извоз во ЕУ, САД, Азија, Блискиот Исток, Канада, Африка и Западен Балкан. Овие компании вработуваат повеќе од 3000 македонски граѓани. Инвестициските планови се од областа на металопреработувачката индустрија, автомобилска, фармацевтска, машинска, дрвна, градежништво, преработувачка и креативни индустрии, информираат од ТИРЗ.
Во следната фаза, инвестициските проекти ќе ги оценува петчлена комисија составена од повеќе независни експерти и организации, како и претставници на Меѓународната финансиска корпорација, ИФЦ. Критериуми за евалуација се пазарниот потенцијал, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот и влијание.
Ова е само прва фаза од Програмата за развој на добавувачи со која е предвидено да бидат опфатени 10 инвестициски проекти. Македонските компании чии инвестициски проекти ќе бидат избрани во оваа фаза ќе добијат техничка помош со цел да ги зајакнат извозните капацитети, да станат поконкурентни и да бидат дел од синџирот на добавувачи на странските компании во земјава, но исто така ќе добијат и техничка помош за финализација на инвестициските планови. По успешно завршување на техничката поддршка компаниите ќе имаат можност да побараат финансиска поддршка за спроведување на инвестициските планови во рамките на програмите на ТИРЗ и Владата.
На презентација на проектот во јануари директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски истакна дека „ова е почеток на целосно нова програма, односно целосно ново поглавје во функционирањето не само на Дирекцијата за ТИРЗ, туку и генерално на Владата“.
„Повеќе од 20 години се зборува за тоа како домашните компании да ги интегрираме во системите за снабдување, за соработка со големите странски компании не само во земјава, туку и генерално во регионот и глобално, и ова е прв чекор во тој правец практично. Ова е почеток на целосно нова програма за поддршка на македонските компании чија цел е по завршувањето на првичната фаза за подготовка на инвестициски планови, дел од нив во скора иднина значи следните 2-3 години да станат подобни да инвестираат и во ТИРЗ“, рече Деспотовски.
Jавниот повик за Развој на добавувачи наменет за домашни средни и големи компании го спроведува ТИРЗ во партнерство со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот Секретаријат за Економски прашања, СЕКО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

