Економија
Десет отсто од Германците се зависници од работата
Според новото истражување на Федералниот институт за стручно образование и обука (БИББ) и Техничкиот универзитет во Брауншвајг, околу десет отсто од вработените во Германија се работохоличари. Овие луѓе работат претерано и тешко се исклучуваат од работата и во слободното време. Можните долгорочни последици се повеќекратни, бидејќи зависноста од работа е проблем за сопственото здравје, се истакнува во студијата.
Беатрис ван Берк, коавтор на истражувањето, наведува дека знаците на работохолизам се неможноста да се исклучиме навечер или на одмор, бидејќи когнитивно сè уште сме на работа. Работниците кои се зависни од работата, покажа истражувањето, многу почесто од другите страдаат од физички или психосоматски заболувања – како што се замор, депресија и физичка исцрпеност.
„И ова е многу проблематично бидејќи од други студии знаеме дека физичката и емоционалната исцрпеност е поврзана со исцрпеност и депресија“, вели Беатрис ван Берк.
Според студијата, луѓето на менаџерски позиции се особено погодени кога станува збор за зависност од работа. Од нив 12,4 отсто се работохоличари, а само 8,7 отсто други работници спаѓаат во работохоличари. Зависноста од работата е „поизразена, колку е повисоко раководното ниво“. Вработените во земјоделството и хортикултурата исто така имаат поголем ризик од зависност од работа, „бидејќи во земјоделството работата и животот не се толку одвоени како во другите професионални области“.
Според Ван Берк, многу зависи и од организацијата во која се работи: „Особено во однос на прекумерната работа, важна е културата на компанијата. На пример, важно е да можеш да ги поминеш сите денови на одмор без проблеми, а не да одговарате на е-пошта по одредено време, да сметате дека е во ред да се јавите кога сте болни, кога се чувствувате очајно и кога ви треба време да се регенерирате“.
Компаниите кои не се однесуваат вака ја поттикнуваат зависноста од работа, се наведува во истражувањето. Исто така, опседнатоста со работата на некој начин е знак дека оваа личност не се грижи доволно за себе, а некој што се запоставува себеси и своето здравје тешко може да биде квалитетен и продуктивен работник.
Ваквиот однос кон работата всушност е многу штетен и обично не води до успешни деловни резултати, покажаа голем број студии.
“Живееме во култура која промовира работохолизам. Тоа се сфаќа како напорна работа која треба да се цени и која е од корист на секоја компанија. Но, нашите резултати покажуваат дека таквите луѓе не постигнуваат особено добри резултати. Она што е уште поважно е фактот дека работохолизмот ги уништува луѓето, тие се под стрес, повеќе се склони кон конфликти, имаат нарушено ментално здравје, а тоа често влијае и на нивното физичко здравје“, вели Мелиса Кларк, шеф на истражувањето чии резултати беа објавени во списанието за менаџмент во 2014 година.
Експертите открија дека нема врска помеѓу работохолизмот и поголемата ефикасност и подобрата заработка.
Истражувањето спроведено на Универзитетот во Берген испитало 16.426 вработени возрасни и утврдило врска помеѓу работохолизмот и сериозните психолошки нарушувања.
Поточно, резултатите се следни:
- 37,7 проценти од работохоличарите имаат АДХД (нарушување на дефицит на внимание).
- 33,8 отсто од нив страдаат од анксиозност
- 25,6 проценти од работохоличарите имаат OCD (опсесивно-компулсивно нарушување).
- 8,9 отсто од нив се депресивни.
„Работохоличарите имаат многу поголема веројатност да страдаат од различни психијатриски симптоми отколку оние кои не се работохоличари“, вели истражувачот Сесили Шу Андреасен.
„Пристапувањето кон работата на таков екстремен начин може да биде знак за некои подлабоки психолошки и емоционални проблеми. Сепак, сè уште не е познато дали работохолизмот ги предизвикува овие нарушувања или луѓето со овие нарушувања се повеќе склони да станат работохоличари“, заклучува Андреасен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

