Економија
Деспотовски: Со јасни правила на игра ќе поттикнеме нови инвестиции
Со панел-дискусијата „Јасни правила и дефиниции за подобни инвестициски трошоци и поефикасен систем за исплата и следење на државната помош“, дирекцијата за ТИРЗ почнува серија дебати со бизнис-заедницата, чија цел е унапредување на услугите и деловната клима за инвестирање во Северна Македонија, информираат од ТИРЗ. Процесот се реализира во партнерство со Советот за странски инвеститори и Асоцијацијата на странските компании со напредно технолошко производство.
„Воведуваме нов систем на унапредување на односите со инвеститорите. Сакаме преку отворен процес на разговор да стигнеме до решение за сите практични предизвици со кои се соочуваме, но и она што постои како потенцијал да го искористиме за подобрување на услугите. Денеска, зборуваме за една специфична тема – користење и следење на државната помош и дефинирање подобни трошоци. Воведуваме јасни и прецизни правила на игра, со што ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба и да поттикнеме подобрување на деловната клима поставувајќи ја Северна Македонија како сериозна дестинација за инвестирање“, изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Тој нагласи дека целта е да се воведе заштитен механизам и за компаниите, но и за државата, како и дека ова треба да резултира во упатство што ќе се применува и за компаниите надвор од зоните.
„Мораме да најдеме начин да се справиме со одредени ризици што постојат, како што е проверка на трошоците и колку тие се реални со пазарните цени. Ова е од интерес и на инвеститорите, но и на сите наши сограѓани – даночни обврзници во земјата“, додаде тој.
Амбиција е, рече Деспотовски, ова што се дискутира понатаму да важи и за компаниите надвор од зоните. „Ова е реално пионерски чекор во тој правец што сакаме да се преслика и во сите други елементи на доделување државна помош“, нагласи Деспотовски.
Штефан Петер, претседател на Советот за странски инвестиции, ја поздрави иницијативата за отворената дебата.
„Сите можеме да се согласиме дека странските директни инвестиции се важни за секоја земја, особено за мала земја како што е Северна Македонија. Тие носат свеж капитал, вработувања, образование, трансфер на технологии. Сите земји се натпреваруваат во привлекување странски инвестиции. Само во Советот сега имаме 130 странски компании што прават обрт од 5 милијарди евра и вработуваат 50.000 луѓе. Затоа, сметам дека секогаш можеме и мораме да ги унапредуваме нештата со цел да се унапреди системот, да има поголема флексибилност и да имаме развој што може да биде предвидлив“, нагласи Петер.
Директорот на Асоцијацијата на странските компании со напредно технолошко производство, Виктор Мизо, ја нагласи потребата од почесто ажурирање на ова упатство со кое се регулираат подобните трошоци.
„Многу е важно за идните компании да знаат однапред што е оправдан инвестициски трошок, кој ќе биде по ист принцип за сите. Исто така, многу е важно ова упатство да се усогласи со глобалните стандарди. Верувам дека ова ќе придонесе кон подобрување на процедурите и ќе биде основа за промена на законски акти, како и дека ќе се земат предвид нашите забелешки“, рече Мизо.
На панелот присуствуваа над 30 компании активни во зоните и надвор од нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

