Економија
Димитриеска-Кочоска: Законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка и зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем
Министерството за финансии презеде повеќе законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка со цел зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем и градење силни банки, кои се силен партнер во спроведување на политиките на Владата за поддршка на домашната економија. Ова го наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во новото издание на Е-билтен на Македонската банкарска асоцијација, објавен во април 2025 година.
„Законот за решавање банки е најзначаен чекор во овој сегмент, со кој се создава нова регулаторна рамка која ќе овозможи навремена интервенција во кредитни институции со проблеми и предуслови за одржување на финансиската стабилност и довербата на јавноста во банкарскиот сектор, со истовремено избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем преку обезбедување континуитет на клучните функции на банката. Односно, заштита на депонентите и клиентите“, пишува министерката.
Таа додава дека Законот, чија примена се очекува во последниот квартал од годината, пропишува правила, постапки и инструменти за решавање банка, овластувања на Народната банка како орган за решавање банки, како и активности по започнувањето на постапката за решавање банка и дека на овој начин ќе се обезбеди спречување на несолвентност и намалување на негативните последици врз финансискиот систем.
Според министерката со инструментите за ефективно решавање банки што ќе се воведат, ќе се гарантира избегнување на користење средства од даночните обврзници за спасување на овие институции. Тоа, наведува, значи дека употребата на државни инструменти е ограничена и ќе може да се активираат само во исклучителни околности, по исцрпување на сите други опции. Од друга страна, појаснува, со воспоставување на Фондот за решавање банки, Народната банка ќе биде надлежна за управување со постапките и средствата во случаи на финансиски проблеми.
Законот значи воспоставување пазарна дисциплина и доверба во банкарскиот сектор, како и усогласување со европските стандарди, што е значаен чекор напред во унапредување на регулаторната и супервизорската рамка во нашата земја.
Во текстот најавува дека дополнително зајакнување на финансиската стабилност и зајакнување на целокупниот финансиски систем заради зголемување на сигурноста на банкарскиот сектор се очекува и со законската инцијатива за нов закон за банките. Целта на новото законско решение е да се постигне зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и за апсорбирање на потенцијалните загуби што можат да настанат во деловното работење, чија имплементација дополнително ќе го подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе ја зајакне супервизијата.
Димитриеска-Кочоска подвлекува дека во сите овие активности важна и за истакнување е улогата на Народната банка, како и зајакнувањето на нејзината независност, што се овозможува со последните измени и дополнувања на Законот за Народната банка.
Министерката во објавениот текст ја истакнува важноста на банкарскиот сектор во спроведување на економските политики на Влада, напоменувајќи ги активностите кои се одвиваат во реализација на обезбедените 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

