Економија
Димитриеска-Кочоска: Со поддршка од ОЕЦД, Македонија ќе стане дел од земјите што ги имплементираат стандардите за автоматска размена на податоци
Македонија во наредниот период ќе продолжи да работи сериозно со цел да го потпише Мултилатералниот договор на надлежни органи за автоматска размена на информации, со што ќе се придружи на земјите членки на Глобалниот фонд на ОЕЦД во борбата со даночно затајување во глобални рамки, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која учествува на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува во Парагвај.
Таа рече дека во спроведувањето на процесот на имплементација на стандардите за автоматска размена имаме поддршка од ОЕЦД, која дава огромни можности на земјите кои се подготвени да ги споделат информациите што се насочени кон борбата со даночното затајување. Притоа, потенцира дека е најважна имплементацијата на законите што се носат.
„Земјата веќе добива техничка поддршка од ОЕЦД и верувам дека во наредниот период ќе изградиме даночна администрација која ќе продуцира добри, квалитетни и коректни податоци, имајќи предвид дека во моментот има осум посебни системи од кои се добиваат информациите“, рече министерката, која потенцира дека забрзано ќе се работи и на дигитализација на процесите, што е приоритет на Владата, а тоа е поткрепено и со формирањето на новото Министерство за дигитална трансформација.
Министерката истакна дека едно од прашањата во имплементацијата на овој процес е затворено, а тоа се однесува на банкарскиот сектор, кој е стабилен и силен, и дека со затворањето и на второто прашање, во однос на даночната администрација, може да се очекува во 2027 година веќе да бидеме на листата на земји кои ги имплементираат стандардите за автоматска размена на податоци.
Стандардите за автоматска размена на информации (AEOI) се клучна алатка за јурисдикциите, односно државите, во борбата против даночното затајување и заштита на интегритетот на нивните даночни системи. Глобалниот форум има значајна улога во развојот на капацитетите со цел поддршка и овозможување брза и ефективна имплементација на стандардите од страна на сите земји членки на Глобалниот форум, кои се над 170.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

