Економија
Димковски: Северна Македонија станува препознатлива по квалитетното вино

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска присуствуваше на „Светскиот ден на вранецот“, меѓународен настан којшто за прв пат се одржува во Република Северна Македонија.
Во нашата земја има над 28 илјади хектари под лозови насади од винско грозје, од кои околу 11.000 хектари се под сортата вранец. Министерот Димковски во своето обраќање посочи дека Република Северна Македонија има поволни услови за производство на квалитетно грозје и вино, а сортата вранец е најзастапена, што ја прави нашата земја најголем производител на оваа сорта во регионот.
„Лозарството и винарството се наши стратешки гранки и затоа како Влада изминатите две години посветуваме сериозно внимание на развојот и на примарното лозарство и на винската индустрија. Вкупното производство на вино се движи од 115 до 125 милиони литри, од кои приближно 80 милиони литри завршуваат на пазарите надвор од РСМ, од што годишниот девизен прилив изнесува околу 50 милиони евра. Радува фактот што виното во шише постепено го зазема местото на наливното вино во рамки на вкупниот извоз. Конкретно, додека во периодот 2000-2010 година односот на вино во шише / наливно, беше 10% флаширано остатокот наливно. Во последните неколку години оваа разлика е променета на сметка на вино во шише, и сега изнесува приближно 30% од виното што се извезува е во шишиња, изјави министерот Димковски.
При тоа, Димковски посочи дека македонското вино освен на традиционалните пазари за извоз како ЕУ – Германија, Хрватска и Словенија и земјите од соседството како Србија, Босна и Херцеговина, нашето вино е се позастапено на пазарот на САД, Канада, Кина, Русија и Јапонија.
Амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, СибилeСутерТехада, посочи дека Швајцарија преку својата „Програма за вработливоста на пазарите“ и помага на македонската винска индустрија да го зачува идентитетот на вината од РСМ, зголемувањето на сортите, квалитетот и извозот, а се проценува дека околу 20.000 домаќинства ќе имаат корист во зголемување на нивните приходи од пристапот кон меѓународниот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.
Економија
Халкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење

По повод октомври, месецот на штедењето, Халкбанк АД Скопје ја започна својата традиционална кампања посветена на промовирање на финансиската писменост и одговорно управување со личните финансии, преку воведување на нов Промо депозит создаден за да им овозможи на граѓаните поповолни услови за заштеда и дополнителна сигурност во време на економски предизвици.
Депозитот може да се отвори во сите филијали и експозитури на Халкбанк низ земјата. Минималниот износ на вложување е 30.000 денари или 500 евра, а каматната стапка е фиксна иизнесува 3% за штедење во денари, односно 2% за шедење во евра или долари, а рокот на орочување е 13 месеци. Штедењето во американски долари претставува новитет во понудата на банката, со што клиентите добиваат дополнителна можност за диверзификација на своите заштеди. Клиентите можат да изберат исплата на каматата на крајот на периодот на орочување или месечно, во зависност од своите потреби и планови.
За овој депозит не се дозволува делумно повлекување или дополнителни уплати пред истекот на рокот, што овозможува целосна стабилност и предвидливост на приносот.
„Халкбанк секоја година го одбележува mесецот на штедењето со посебни понуди и иницијативи, со цел да ги охрабриме граѓаните да размислуваат долгорочно и одговорно кон своите финансии. Штедењето не е само индивидуална придобивка, туку и темел на стабилен економски систем. Затоа, секоја година во овој период нудиме дополнителни стимули за штедачите. Преку Промо депозитот им овозможуваме на нашите клиенти сигурен, транспарентен и исплатлив начин да ги зголемат своите заштеди,“ велат од банката.
Со оваа кампања, Халкбанк уште еднаш ја демонстрира својата улога како одговорна и стабилна банка, која се грижи за финансиската благосостојба на своите клиенти и постојано нуди решенија што ги поддржуваат нивните цели и планови.
Халкбанк потсетува дека штедењето е првиот чекор кон финансиска сигурност и независност, а со внимателно управување со средствата, секој може да го изгради сопствениот пат кон стабилна иднина.
ПР
Економија
Божиновска со амбасадорот Сулстром: Шведска поддршка за енергетски реформи и инфраструктурни проекти во Македонија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. г. Ола Сулстром.
На средбата беше потврдена досегашната добра соработка меѓу двете земји и изразен заеднички интерес за нејзино продлабочување, особено во делот на енергетиката и инфраструктурните проекти.
Министерката Божиновска го запозна амбасадорот Сулстром со клучните стратешки проекти на Министерството во областа на енергетската инфраструктура и енергетската ефикасност, како и со плановите за забрзување на енергетската транзиција. Таа посочи дека Македонија е посветена на модернизација на енергетскиот систем, зголемување на учеството на обновливите извори и подобрување на енергетската одржливост, што отвора можности за соработка со шведските партнери и компании.
Во фокусот на разговорот беше и можноста за искористување на Фондот за техничка документација (TDF), инструмент преку кој Шведска поддржува изработка на техничка документација за инфраструктурни и енергетски проекти. Досега македонски проекти не учествувале во овој фонд, а министерката Божиновска истакна дека учеството во TDF би можело да биде значајно за унапредување на проектите во областите на енергетската ефикасност, модернизацијата на инфраструктурата и паметните енергетски решенија со оглед на големото искуство на шведските компании и институции во овие области.
Тој истакна дека голем број шведски компании се заинтересирани за случувањата во енергетскиот сектор во Македонија и регионот, при што изрази желба да се поттикне поголема економска соработка – како преку присуство на шведски фирми во македонскиот енергетски пазар, така и преку настап на македонски компании на шведскиот пазар.
Амбасадорот Сулстром нагласи дека Шведска останува силен пријател и поддржувач на Македонија во процесот на евроинтеграциите и изрази надеж дека земјата ќе стане полноправна членка на Европската унија во најскоро време.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, со заедничка определба за интензивирање на билатерарната соработка и иден развој на партнерства во полето на одржливата енергија и зелениот развој.