Економија
Димоски: Заради корупцијата Македонија со најниско ниво на странски инвестиции во регионот
Науката покажала дека во време на економски кризи, за да си го спасат стопанството, државите се насочуваат да инвестираат во капитални инвестиции, кои вклучуваат изградба на патишта, железници, училишта, болници, вели Гоце Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина во централниот штаб на партијата, насловена „Тендери и криминал за власта – За народот скапа струја и поскапо парно греење“.
„Ситуацијата со капиталните инвестиции не е онака каква што ветуваа СДСМ. Реализацијата на однапред предвидените капитални инвестиции на сериозно ниско ниво. Капиталните инвестиции сами по себе, за секоја економија, било да е развиена било да е мака економија како нашата, претставуваат компонента која е развојна. Капиталните инвестиции сами по себе како што се изградбата на патишта, железници, училишта, енергетски капацитети сами по себе го активираат секторот градежништво. Бидејќи секторот градежништво, според сите експерти, е една најбитните стопански гранки во една економија и кога имаме развиено градежништво, односно активно градежништво, ние имаме де факто и уште 25 стопански гранки во економијата кои се развиени и се активни“, истакна Димоски.
Тој посочи дека ако се инвестира едно евро во патишта, железници, енергетски капацитети, училишта тие носат поврат во економијата за четири пати повеќе.
Димоски се осврна и зголемувањето на јавниот долг, кое беше и едно од клучните ветувања на СДСМ пред да го преземе раководењето на власта, дека ќе го намали, но од друга страна Владата на СДСМ, рече тој, за четири години го зголеми долгот.
„Денеска ситуацијата не е баш таква како ветуваше СДСМ. Ако направиме анализа на јавниот долг, тој се зголеми за 2,4 милијарди евра и ако продолжи со ова темпо на задолжување ќе го стеснеме просторот за инвестирање во капитални проекти. Се она задолжување над 60% од БДП е сериозни последици функционирањето и развојот на државата и економијата и ќе преставува сериозен проблем за инвестиции во капитални проекти“, објасни Димоски.
„Прва работа која ја интересира е владеењето на правото и стапката на корупција. За жал Македонија со оваа влада достигнува рекорди. Тука би го цитирал извештајот на Транспаренси од 2021 година каде Македонија за прв пат е на високото 111 место по индексот за перцепција за корупција. Тоа покажува зошто уназадуваме во делот на странските директни инвестиции. И извештајот на Стејт департментот кој беше објавен во 2021 година врз основа на анкета на компании кои работат во Македонија, вклучително и американски компании, кажува дека главен проблем за бизнис климата е корупцијата и неефикасното судство. Тука би ја истакнал и анкетата која беше направена во 2019 од страна на делегацијата на германското стопанство во Македонија, каде што германските компании кои придонесуваат за раст на економијата во Македонија, и дадоа на владата 0 во однос на бизнис климата во Македонија. Тоа се тие параметри кои не прават неатрактивни за инвестирање на странски компании“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

