Економија
Доколку има потреба, ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените, вели Бектеши
Според министерот за економија Крешник Бектеши, мерките ги даваат своите резултати во делот на зачувување на животниот стандард.
Во случај, како што рече Бектеши, одредена мерка да се злоупотреби не само што ќе биде продолжена, туку ќе ги зајакнат и инспекциските капацитети.
Подвлече дека доколку има потреба, ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи и по 1 јануари.
Сето тоа, како што појасни, ќе зависи од анализите што ќе ги направи Министерството за економија до крајот на годинава.
„Генерално прехранбената индустрија посебно трговијата на мало со храна и пијалаци веќе ја знаат лекцијата дека од страна на Министерството за економија нема да бидат дозволени злоупотреби“, рече Бектеши.
На прашање зошто беше потребен голем пакет на помош за граѓаните на само неколку месеци пред избори, Бектеши рече дека мерките се најавени од почетокот на годинава и не се мерки кои граѓаните не ги очекувале.
„Ветивме дека ни еден граѓанин нема да го почувствува товарот на енергетската и економската криза и дека како држава ќе ја покриеме разликата со цел да им излеземе во пресрет за тоа што е изгубено во минатото во делот на зголемување на инфлацијата и од влијанието на енергетската криза во делот на семејствата. Мерките се ветени на семејствата кои навистина имаа потешкотии во делот на справување со инфлацијата и со енергетската криза“, рече Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.