Економија
До крај на мај земјоделците ќе може да конкурираат за набавка на трактори
Од денеска до крај на месец мај земјоделските стопанства ќе може да конкурираат за добивање средства за набавка на трактори. Овој повик се реализира согласно тековните и планирани рокови по програмата за рурален развој.
Вкупните прифатливи трошоци по поединечен корисник за набавка на трактор изнесуваат до 3.500.000 денари. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво. Финансиската поддршка се исплаќа по принципот на кофинансирање на реализирани и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Но, процентот на ко-финансирање се зголемува на 55% од вредноста на инвестициите доколку носителот на земјоделско стопанство е млад земјоделец (од 18 до 40 години старост ). 60 отсто кофинансирање е предвидено доколку инвестицијата се реализра во подрачје со ограничени можности, 65% кофинансирање од вкупната вредност се доделува за инвестиции поднесени од млади земјоделци чии што земјоделски стопанства се наоѓаат во подрачје со ограничени можности и 75 % кофинансирање е предвидено за инвестиции во недостапни рурални заедници.
Оваа година во Програмата за рурален развој двојно е зголемена вкупната финансиска поддршка за набавка на трактори. Односно од минатогодишните 30 милиони денари, годинава за оваа намена издвоени се 60,2 милиони денари.
Барателите кои сакаат да конкурираат за добивање на оваа финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локацијата на инвестицијата, податоци за инвестицијата и електронски да ги прикачат потребните документите предвидени за мерка 121, Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства подмерка 121.4.Набавка на трактори.
Сите заинтересирани потребно е да имаат: минимум производствен капацитет од 2 ха за производство на различни или на една земјоделска култура и минимум 0,5 ха за производствен капацитет на зеленчук на отворено.
Преку овој повик може да се набават трактори, но не и приклучна земјоделска механизација. Приклучна механизација во иднина ќе може да се набавува преку ИПАРД-програмата на некои од наредните повици. Барателите кои биле корисници на финансиска поддршка за набавка трактори преку ИПАРД-програмата и Националните програми за финансиска поддршка на руралниот развој за претходните пет години, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Сите заинтересирани барањата може да ги поднесат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу 2 барања по различни мерки земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.
Барателите кои ги исполниле условите за користење средства за мерките 121 се рангираат со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој. Барањата со ист број бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барањето на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Барателите не смеат да почнат со реализација на инвестицијата пред потпишување договор за кофинансирање со Агенцијата. Барањата кои не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат.
Упатството за регистрација на барателите во системот за електронско поднесување на барање може да се превземе на почетната страна e-baranje.ipardpa.gov.mk. Електронски пополнетите барања за финансиска поддршка потребно е да се преземат, испринтаат и да се потпишат и заедно со целокупната придружна документација да се достави до Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во затворен коверт на кој на предната страна во горниот лев агол стои барање за финансиска поддршка и архивски број на барањето (0419-12116-ХХХХ/1). Барањето може да се достави по препорачана пошта или лично во писарницата на Агенцијата, во спротивно Агенцијата не презема одговорност за ненавремено и некомплетно пристигнување во писарницата или предвремено отворање на барањето.
Крајниот рок за доставување на барањата е 30.05.2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

