Економија
Дурмиши: 300 нови вработувања за Полошкиот Регион
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, ја посети Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Тетово, при што оствари средба со претставниците на НОРМАК и компанијата „Киел Македонија“. Во рамките на посетата, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со градоначалникот на општината, Билал Касами, директорот на Бирото за регионален развој, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, ја посети фабриката „Киел“, при што на менаџментот на компанијата ја предаде употребната дозвола за работа во индустриската зона во Тетово.
Со оваа дозвола компанијата „Киел Македонија“ почнува со работа во новата фабрика, која се наоѓа во Тетовскиот Регион.
„Киел Македонија“ е водечки производител на седишта за возови и автобуси. Во новиот производствен погон во Тетово, кој се простира на површина од 7.500 квадратни метри, е планирано отворање 300 нови работни места во Полошкиот Регион. Новата инвестиција во ТИРЗ Тетово во нов модерен објект, според потребите на клиентите и индустријата, се проценува на 9 милиони евра. Во фабриката во ТИРЗ Тетово во моментот се вработени 40 лица, а вкупниот број на вработени во двете фабрики на „Киел Македонија“ во Тетово е 170.
Групацијата преку „Киел Македонија“ планира, во новиот објект, покрај зголемувањето на производството, да се прошири и во областа на заварување метални конструкции, производство на пена и боја, со што ќе се финализира комплетно производството на седишта за возови, а како центар на сето ова е планирана Република Северна Македонија.
„Сакам да му честитам на менаџментот на ‘Киел Македонија’ што за кратко време инвестираа и изградија нова фабрика во Тетово, која ќе донесе нови технологии, нови работни места и, секако, девизен прилив во земјата. Министерство за економија и труд и јас како министер во наредниот период интензивно ќе работиме на подобрување на бизнис-климата во земјата. Веќе почнавме со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што сакаме да овозможиме потранспарентен модел за доделување на државната финансиска поддршка за сите компании што инвестираат, вработуваат, растат и се развиваат“, истакна Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

