Економија
Дуќанџиите во ГТЦ: Проектот „Гранд“ ќе го заживее ГТЦ

Следејќи ги најновите случувања и реакции во јавноста во врска со најавеното отпочнување со изградба на комплексот „Гранд“ кој е предвиден да се гради на паркингот наспроти „Холидеј ин“, во непосредна близина на Градскиот трговски центар, Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 Скопје известува дека ја дава својата целосна поддршка за реализација на овој проект.
„Силно го поздравуваме почетокот на градбата и веруваме дека овој проект ќе го заживее ГТЦ, кој е едно од главните обележја на градот Скопје. Цврсто застануваме зад овој проект бидејќи сметаме дека уредувањето на овој простор ќе му даде нов лик на центарот на градот, отворајќи нова фреквенција на движење за граѓаните“, велат од таму.
Спoред нив, Градскиот трговски центар од ден на ден сè повеќе го губи својот сјај и тие се убедени како што напоменуваат, дека отворањето на комплексот „Гранд“ во Скопје на овој со децении запуштен простор во срцето на градот, позитивно ќе влијае на работата на сите дуќани кои се дел од овој трговски центар, заради што бараат поддршка и соработка од сите граѓани.
„Какви било опструкции од групи на граѓани, организации или институции, ќе бидат на штета не само на нас дуќанџиите од најстариот трговски центар, туку и на граѓаните на Скопје кои заслужуваат модернизирање на центарот на градот“, стои во нивното соопштение.
Воедно, ја поздравуваат и најавената соработка на инвеститорот со Град Скопје, Шумарскиот факултет и зелените организации во земјава за изготвување на решение и директна инвестиција за обновување на дел од Кеј 13 Ноември, како и градење на предвидениот пешачки мост кој ќе го поврзе јавниот простор кај „Дрводекор“ со ГТЦ и сметаат дека ваков потег дополнително ќе го заживее и осовремени просторот во близина на трговскиот центар, правејќи го модерно, атрактивно и урбано место за сите посетители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бислимоски: Стартуваме со техничкиот процес на интеграција на македонскиот енергетски пазар кон Европскиот енергетски пазар

Стартуваме со техничкиот процес на интеграција на македонскиот енергетски пазар кон Европскиот енергетски пазар најави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) на Белградскиот енергетски форум. Бислимоски информираше дека новиот Закон за енергетика е донесен, сега следува носење на подзаконската легислатива. Крајна цел е да обезбедиме европска сигурност и стабилност во преносот и дистрибуцијата, но и пониски цени на електрична енергија за потрошувачите.
„Со донесување на новиот Закон за енергетика, влегуваме во финална фаза со реформите во овој сегмент со што ќе стартува конечната интеграција на земјава со европскиот енергетски пазар. Најпрво ќе следува меѓу фаза во спојување на регионалните пазари. Убеден сум дека најдоцна до вториот квартал од 2027 година, односно во рок од две години ќе покажеме локален и регионален капацитет во преземање на сите неопходни чекори и ќе обезбедиме земјава да стане дел од пазарот на земјите членки на Европската унија. До сега во овој процес, во т.н спојување на регионалните пазари, не водеше УСАИД, но сега поради новите политики – ние сме оставени сами да го спроведеме овој сериозно комплексен процес. Од досегашната фаза на т.н „преговарање“, влегуваме во втора фаза каде ќе го отвориме енергетското регулаторно поглавје преку синхронизација на легислативата за регионална поврзаност на пазарите за електрична енергија. Македонските граѓаните ќе имаат европска енергетска сигурност и стабилност и практично сите заедно од ЕУ ќе ги споделуваме и позитивните трендови – како пониски цени, но исто така заедно ќе ги амортизираме можните негативни шокови“ истакна Бислимоски.
На панелот посветен за „Интеграција на пазарот на електрична енергија на Западен Балкан со пазарот на ЕУ“, во рамките на Белградски енергетски форум 2025 се дискутираше за потребата регионот да настапи со единствен координиран став на претстојниот состанок што треба да се одржи на 1 јули во Брисел.
“Неопходно е да се зборува отворено со Брисел и заедно со Енергетска Заедница треба сите земји од регионот да направиме акциски план во кој ќе се детектираат фазите за воведувањето на јаглеродната такса. Што можеме сами да направиме, веднаш да ги спроведеме тие активности, а во сегментите во кои ќе ни треба финансиска помош да побараме ЕУ да ни помогне„ изјави Бислимоски, претседател на РКЕ.
Третиот Белградскиот енергетски форум ги обедини лидерите од енергетскиот сектор кои во фокусот ја имаат енергетската транзиција.
Економија
Изгласан новиот закон за енергетика

Денес, во Собранието беше изгласан новиот Закон за енергетика.
Oд Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, законот го опишаа како стемски, сеопфатен и реформски закон кој ги поставува темелите на новата енергетска политика на земјата. Со тоа, како што се додава, Македонија конечно добива јасна, модерна и европски усогласена законска рамка за развој на енергетиката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на завршното обраќање пред пратениците нагласи:
„Законот што денес го донесовме претставува визија за иднината и темел на нашата национална трансформација кон чиста, одржлива и праведна енергетска иднина. Ова е закон што создава можности, но и бара одговорност.“
Законот е подготвуван во соработка со институции, експерти, бизнис сектор, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни.
Новиот Закон за енергетика содржи зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка; поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите; отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници. Законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите.
„Енергијата не е само моторот на економијата, таа е основа за квалитетен живот. Со овој закон ја отвораме вратата за една енергетски суверена, зелена и европска Македонија.“ истакна министерката Божиновска.
Економија
Автоматски ќе има мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања

Ќе има автоматски мерки што ќе важат до крајот на годината ако се утврди скок на цените, Мицкоски засега не знае за поскапувања.
Ако до крајот на месецот се утврди дека има скок на цените откога престана да важи последната мерка за замрзнати маржи, ќе има нови мерки што ќе останат во сила многу подолго отколку досегашните. Премиерот Христијан Мицкоски засега нема информации за поскапени производи, но остава простор тоа да го утврди извештајот на Државниот пазарен инспекторат на крајот на овој месец.
„Ги следиме состојбите, јас немам таква информација. Разговарав со министерот пред два дена, имавме состанок и ми покажа бројки, немам информација дека тоа се случува. Но, доколку тоа се случи, на крајот од месецот автоматски ќе бидат применети мерки што ќе траат до крајот на годината. Јасно кажавме дека такви трикови нема да толерираме. Слушаме трикови во кои преку прокси правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг-услуги, ПР-услуги и така натаму, а со тоа практично ќе се плаќа маржата што се плаќаше во минатото на одредени маркети. Слушаме, стигаат и до нас такви информации. Вознемирени сме од она што го слушаме и тоа не е добро затоа што на тој начин не можеме да градиме партнерски однос“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето камен-темелник за спортска сала во училиштето „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче.
Маржите на 102 групи производи беа замрзнати до 30 април, а последните две недели има производи чии цени се зголемија и за 60 денари, како што се некои хигиенски производи. Министерот за економија Бесар Дурмиши минатата недела рече дека таквите поскапувања треба да ги потврди Државниот пазарен инспекторат за да може да преземат мерки. И тој најави дека мерките ќе бидат поригорозни и за трговците, и за производителите, и за дистрибутерите.