Економија
„ЕВН Македонија“ повторно ги отвори вратите на музејот „Матка“
Единствениот музеј за електрична енергија во земјата, музејот „Матка“ на „ЕВН Македонија“, од денес повторно е отворен за посетителите. Првиот ден од новата сезона се одбележа со настан за енергетската ефикасност, на кој експерти од компанијата објаснија зошто разумното користење на енергијата е од посебна важност. На целодневниот настан учествуваа стипендисти на компанијата на техничките факултети и ученици од паралелките за дуално образование на ЕВН во СЕТУ „Михајло Пупин“.
Преку експонатите со мултимедијален и интерактивен пристап учесниците се запознаа со поимот и историјата на електричната енергија, производството, преносот, дистрибуцијата и снабдувањето. Во текот на настанот тие добија многу совети за штедење електрична енергија и нејзино разумно користење.
Глобалната енергетската криза пробуди голем интерес кај граѓаните од сите возрасни групи за да се информираат во врска со енергетската ефикасност и штедењето, а токму во овој изложбен центар посетителите може да научат повеќе на овие теми. Содржините во музејот „Матка“ се на македонски, албански и на англиски јазик, а влезот е бесплатен.
Изложбениот центар „Матка“ е отворен во 2017 година. Објектот е сместен во зградата на старата хидроцентрала на Матка во Скопје. До сега вкупно го имаат посетено речиси 20.000 посетители. Центарот е добитник на наградата „Музеј на годината“, која ја доделува ICOM (International Council of Museums) – Македонија, како и на Националната награда за општествена одговорност, што ја доделува Министерството за економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Поевтин бензин и поскап дизел од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,16 отсто во однос на одлуката од 20 мај.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,492 отсто, кај дизелот има зголемување за 0,845%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,513% и кај мазутот намалувањето е за 0,164%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,333%
Од 28.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 42,453 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,176 ден/кг и сега изнесува 42,453 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Ангеловска-Бежоска: И покрај шоковите, стабилноста на домашната валута зачувана
На покана на Централната банка на Исланд и престижниот американски универзитет „Нортвестерн“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на конференцијата „Макроекономската стабилност на малите и отворени економии – предизвици и лекции“, којашто се одржа во Рејкјавик, Исланд. Таа беше поканета да го сподели искуството за успешното задржување на стабилноста на девизниот курс во македонската економија.
„Во раната транзиција, како и многу други економии од ЦИЈИЕ, усвоивме стратегија на фиксен девизен курс за справување со хиперинфлацијата, којашто ја применуваме и во моментов. Таа е соодветна на карактеристиките на нашата економија, којашто има висока трговска отвореност (160% од БДП), висока зависност на извозот од увозни компоненти, висока финансиска отвореност (185% од БДП), како и релативно висок степен на евроизација на банкарскиот систем (околу 42% од активата е во евра). Овие карактеристики отвораат можност за висок преносен ефект од девизниот курс врз цените и финансиската стабилност, без позначителни ефекти врз економскиот раст“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката се осврна и на последната криза, и на предизвиците за задржувањето на оваа стратегија. Таа потсети и на притисоците на девизниот пазар коишто беа видливи од почетокот на пандемијата до средината на 2022 година, за кои беа нужни значителни интервенции од страна на централната банка, коишто во одреден момент достигнаа 15% од девизните резерви.
„Активните интервенции на девизниот пазар беа можни благодарение на девизните резерви насобрани пред кризата, покрај поддршката од меѓународните финансиски институции во кризниот период. Насобраните резерви ги одразуваат претходните претпазливи макроекономски политики и постепената и соодветно распределена либерализација на капиталната сметка. Затегнатата монетарна политика, користењето сет од макропрудентни мерки првенствено насочени кон зголемувањето на отпорноста на банкарскиот систем, како и мерките преземени за зголемување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста, коишто уште повеќе ја зајакнаа довербата во Народната банка, беа од клучно значење за одржувањето на стабилноста на девизниот курс“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката подвлече дека и покрај шоковите од невидени размери, стабилноста на девизниот курс беше задржана, а нивото на девизните резерви во моментов е повисоко за близу 40% во споредба со преткризниот период.
На панел-дискусијата, којашто беше предводена од професорот Харис Делас, од Универзитетот „Сури“ и Институтот „Карл Брунер“, покрај гувернерката, учествуваа и гувернерот на Банката на Словенија и гувернерот на Банката на Естонија. На настанот учествуваа повеќе професори од престижни универзитети.
Економија
Левицата со апел до земјоделците да пријават неправилности
„Деновиве сме сведоци на многу варијации и манипулации со откупните цени на нашите земјоделски производи: младиот компир, кромидот, зелката, доматите, а во скоро време ќе почне бербата и на останатите производи како: бостанот, дињите, житото итн“, велат од партијата Левица.
„Сакаме да ве информираме дека согласно Законот за земјоделство и рурален развој, член 31, откуп на земјоделски производи може да врши само регистриран откупувач кој мора да поседува баждарена вага. Исто така, многу важно, откупните цени за секој производ и класа мора да бидат истакнати на видно место на откупниот пункт и истите можат да се менуваат неделно.
До нас стигнаа голем број на поплаки поради откуп на земјоделски производи без кантарни белешки или, пак, без цена на нив. Сите вакви манипулации на откуп на производи без пишана цена на кантарната белешка земјоделците да ги пријавуваат во Левица, па откупувачите кои не работат согласно закон ќе бидат пријавени кај надлежните институции“, се наведува во соопштението на партијата Левица.