Економија
Еврозоната влезе во техничка рецесија

Економијата на еврозоната беше во техничка рецесија во првите три месеци од оваа година, покажаа во четвртокот податоците на европската статистичка агенција „Евростат“ по надолната ревизија на растот во првиот и последниот квартал од 2022 година.
Домашниот бруто-производ (БДП) на еврозоната падна 0,1 отсто во првиот квартал во споредба со четвртиот од 2022 година и е 1,0 отсто повисок од претходната година, се вели во соопштението на „Евростат“.
Ревизијата се должи на друга процена на германскиот Завод за статистика, која покажува дека најголемата економија во еврозоната била во рецесија на почетокот на 2023 година, пренесува „Ројтерс“.
Бројката за раст во еврозоната за четвртиот квартал од 2022 година исто така се намали на -0,1 % од претходното читање од нула. Ревизиите потврдија дека и еврозоната е во техничка рецесија.
Тоа се очекуваше кон крајот на минатата година бидејќи еврозоната се бореше со високите цени на енергијата и храната и зголемувањето на каматните стапки насочени кон ограничување на инфлацијата, но раните процени сугерираа дека регионот ја избегнал рецесијата.
Заедно со Германија, БДП квартално се намалува во Грција, Ирска, Литванија, Малта и во Холандија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши со раководството на ЦАМЛ: Заеднички чекори за одржлив развој со фокус на работни места

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Централ Азија Металс“ (ЦАМЛ), Гавин Ферар. На средбата присуствуваше и директорот за одржливост на Рудник САСА, Ивица Талевски.
Разговорите беа насочени кон досегашниот развој на рударскиот комплекс „САСА“, кој е една од најзначајните компании во рударската индустрија во државата, како и кон плановите за понатамошни инвестиции и примена на меѓународни стандарди во одржливото работење.
ЦАМЛ е во процес на завршување на повеќегодишна програма за капитални инвестиции во САСА, во вкупна вредност од приближно 47 милиони американски долари. Оваа програма има за цел воведување нови рударски методи и усогласување на складирањето на минералниот отпад со најдобрите меѓународни практики.
Менаџментот на компанијата го информираше Дурмиши за досегашните резултати од работењето и потенцијалот за понатамошен раст, вклучително и во делот на заштита на животната средина и подобрување на условите за работа на вработените. Притоа беше истакнато дека создавање на поволни услови за натамошен одржлив развој на рудникот и неговиот придонес за локалниот економски развој во Македонска Каменица остануваат врвен приоритет на компанијата.
Министерот ја нагласи поддршката од Владата за сите инвеститори кои покажуваат долгорочна визија и одговорност кон локалната заедница.
„Со успешни инвестиции како оваа, ја зајакнуваме економијата, обезбедуваме услови за стабилни работни места и испраќаме јасна порака дека Северна Македонија е сигурна и атрактивна дестинација за инвестирање. За нас како министерство и Влада секое работно место значи подобар стандард за граѓаните“, рече министерот.
На средбата, соговорниците се согласија дека клучно е продолжувањето на соработката во насока на развој на рударската индустрија со почитување на највисоки стандарди за здравје и безбедност на работниците, како и заштита на животната средина.
Економија
Народната банка почна проект за модернизација и за унапредување на статистиката и на платните системи

Народната банка, со поддршка од Европската Унија, започна со остварување на проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“. Целта на проектот е модернизација на институцијата и приближување до европските стандарди, што ќе овозможи посигурни услуги и поголема доверба кај јавноста.
Проектот се состои од две клучни компоненти: статистиката и платните системи – области коишто претставуваат темел на монетарната политика и модерната финансиска инфраструктура.
Првата компонента се однесува на воспоставување склад на податоци за екстерните статистики. Овој податочен склад ќе овозможи современ, автоматизиран и флексибилен модел за собирање, обработка и анализа на податоците за билансот на плаќања, странските директни инвестиции и меѓународната инвестициска позиција. И покрај високото ниво на усогласеност со европските барања, дигитализацијата на процесите ќе овозможи попрецизни, подетални и меѓународно споредливи податоци. Модернизацијата на техничките решенија коишто се користат во процесот на подготовка на квалитетна и навремена статистика, ќе овозможи подобар пристап до информации за граѓаните, компаниите и за институциите, ќе ја зголеми ефикасноста и транспарентноста во работењето и ќе ја поддржи земјата во подготовките за пристапување кон Европската Унија.
Втората компонента е усвојување на новиот светски стандард ISO 20022 во платниот систем МИПС. Усвојувањето на овој меѓународен стандард ќе ја засили интероперабилноста помеѓу домашните и меѓународните платни системи, а особено платните системи со кои управува Европската централна банка и во рамките на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како основа за забрзување, поедноставување и поевтинување на прекуграничните плаќања во иднина. Придобивките од овие промени несомнено ќе ги почувствуваат сите сегменти на економијата – банките, компаниите, населението и државата. Со оваа трансформација се создаваат предуслови за поефикасни финансиски пазари, посилна конкурентност и поефикасно управување со ликвидноста на банките и компаниите, како и за подобро корисничко искуство за граѓаните.
Гувернерот Трајко Славески посочи: „Европската Унија, како една од најзначајните партнерки на Народната банка, постојано ги поддржува нашите заложби, благодарение на што, нашата централна банка постигна значителен напредок во унапредувањето на централнобанкарските активности ‒ од создавање алатки за објавување податоци (модерен веб-портал), преку поддршка за развивање нова статистичка област ‒ статистиката на финансиските сметки, како и поддршка на голем број активности поврзани со новиот Закон за платежни услуги и платни системи и со пристапувањето во СЕПА. Заедно со европското централнобанкарско семејство, учиме и се приближуваме кон најдобрите меѓународни стандарди, но и градиме ИТ-инфраструктура за нивна примена.“
Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас посочи: „Ова не е само технички проект, туку инвестиција во отпорноста, транспарентноста и довербата — инвестиција во модернизацијата на банкарскиот систем. Приклучувањето на Северна Македонија кон единствената област за плаќања во евра оваа година ќе придонесе за надградба на статистичката и платежната инфраструктура, што дополнително ќе ја усогласи земјата со европските стандарди и ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и за економијата во целина.“
Економија
Министерството за финансии: Формиран Комитет за јавни инвестиции за поефикасно и транспарентно управување со капиталните проекти

На вчерашната седница Владата донесе Одлуката за формирање на Комитет за јавни инвестиции, со што се поставуваат основите за поефикасно, транспарентно и стратешко управување со јавните инвестиции, извести Министерството за финансии.
Комитетот се формира врз основа на Законот за буџети и ќе работи согласно Уредбата за управување со јавни инвестиции.
Формирањето на овој комитет претставува значаен чекор за обезбедување поголема ефикасност, транспарентност и усогласеност на јавните инвестиции со националните приоритети и стратешки цели.
Станува збор за постојано меѓуресорско тело на Владата кое ќе обезбеди координација меѓу институциите и интегриран пристап во донесувањето одлуки.
Со Комитетот ќе претседава министерот за финансии, а во неговиот состав ќе бидат вклучени сите ресорни министри, што овозможува одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлогите.
Неговата улога ќе биде клучна во разгледувањето и оценувањето на проектните идеи, во нивното приоретизирање и во носењето одлуки кои ќе го насочат државниот инвестициски циклус кон проекти што носат најголема вредност за граѓаните и економијата.
Комитетот ќе го следи напредокот на инвестициите, ќе ја проценува нивната изводливост и ќе обезбедува препораки за најдобро користење на јавните средства.
На тој начин ќе се гарантира дека јавните инвестиции се во целосна согласност со целите и приоритетите на Владата и дека нивната реализација е усогласена со националните стратегии за развој.
Со воспоставувањето на Комитетот се создаваат услови за подобро планирање и управување со јавните ресурси, а процесот на селекција на проектите станува појасен и пообјективен.
На долг рок, оваа реформа ќе обезбеди повисоки економски приноси, поефикасно обезбедување на јавните услуги и ќе придонесе за остварување на стратешките цели на земјата, вклучително и оние што се поврзани со европската интеграција.
Формирањето на Комитетот за јавни инвестиции директно произлегува од новата Уредба за управување со јавни инвестиции, со која се воспоставува систем за систем за подобра реализација на капиталните проекти.
Со Уредбата сe воведува обврска сите буџетски корисници, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и општините, да ги доставуваат своите иницијативи за јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност над 5 милиони евра до Министерството за финансии.
Во рамките на Министерството е формиран посебен Сектор за управување со јавни инвестиции кој ќе врши независен преглед на прединвестициските студии, процена на зрелоста на проектите и следење на нивната реализација, се додава во соопштението на Министерството за финансии.