Економија
Економски раст од 2,1 процента и постепено забавување на инфлацијата: нови макроекономски проекции на НБРМ
Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот квартален извештај, во чии рамки се вклучени и пролетните макроекономски проекции на Народната банка. По усвојувањето на извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции во јавноста на конференцијата за печатот.
Според последните проекции, макроекономската слика не е значително променета во споредба со претходните оцени. И понатаму се очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата при оцени за исцрпување на надворешните шокови и позатегнати финансиски услови. Во надворешниот сектор притисоците врз дефицитот во тековната сметка се помали поради пониските цени на примарните производи во моментот, но и очекувањата на меѓународните финансиски институции за нивно натамошно намалување за следниот период. Девизните резерви и на краток и на среден рок се во сигурната зона. Ризиците во врска со проекциите и понатаму постојат, а главно се поврзани со надворешното окружување.
Во однос на економскиот раст, при незначителни промени во претпоставките за домашното и надворешното окружување и земајќи ги предвид најновите достапни информации за најавените инфраструктурни проекти, проектираниот економски раст за 2023 година изнесува 2,1 %, што е помалку во однос на основното сценарио, но во средината на интервалот од двете сценарија од октомвриската проекција. За 2024 и 2025 година проекциите за БДП се непроменети, односно се очекува забрзување на растот, при што тој би изнесувал 3,6 и 4 % соодветно во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност, а особено активноста на нашите најзначајни трговски партнери. Во поглед на структурата на растот во периодот 2023 – 2024 година, се очекува дека растот и во тековните проекции ќе произлегува од домашната побарувачка, а нето-извозот ќе има мал негативен придонес.
Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на непроменети очекувања за движењето на инфлацијата, односно ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво во интервалот од 8 до 9 % во 2023 година. Енергетската компонента во значителна мера би придонесла за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергентите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната. На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3 %, блиску до историскиот просек. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста, треба внимателно да се следат.
Посилната надолна корекција на очекувањата за берзанските цени на енергијата и храната ги изменија проекциите, поточно сега се очекува значително понизок дефицит на тековната сметка во 2023 година во споредба со октомвриската проекција, односно стеснување на дефицитот на 3,6 % од БДП во 2023 година. Во следниот период се очекува стабилизација на цените, што заедно со очекувањата за подобра глобална економија и закрепнувањето на најзначајните трговски партнери би придонесле за понатамошно стеснување на дефицитот кај тековните трансакции на 3,2 % од БДП во 2024 година и 2,7 % од БДП во 2025 година. Финансиските нето-приливи во периодот 2023 – 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителен раст на девизните резерви. Најголемиот дел од финансирањето би се остварил преку странските директни инвестиции, како и долгорочното задолжување на државата. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на ниво соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс.
Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор посочуваат на поумерен раст во однос на октомвриските проекции. На крајот на 2023 година кредитниот раст би забавил сведувајќи се на 5,7 % на годишна основа, при што одреден придонес за ваквите движења имаат и донесените монетарни и макропрудентни мерки. Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата се предвидува забрзување на растот и на кредитната активност во наредниот период, при што кредитниот раст за периодот 2024 – 2025 година би изнесувал 6,6 % во просек. Гледано од аспект на изворите на финансирање, се очекува дека кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, кој би изнесувал 6,9 % во 2023 година и 7,7 % во периодот од 2024 до 2025 година во просек.
Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и за стабилизирање на инфлацијата на среден рок, велат од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

