Економија
„Екосвест:“ Жалба до Енергетската заедница за фаворизирање на малите хидроелектрани
„Екосвест“ и CEE Bankwatch Network вчера испратија жалба до Енергетската заедница поради владината уредба за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори која неправедно ги фаворизира малите хидроелектрани пред другите енергетски извори.
Македонија е потписник на Договорот за енергетска заедница со кој се забранува „каква било јавна помош која ја нарушува или се заканува да ја наруши конкуренцијата со фаворизирање на одредени претпријатија или одредени енергетски ресурси”.
„Во последниве години малите хидроелектрани прават пустош низ земјите од Југоисточна Европа – вклучувајќи ја и нашата земја – поради нивниот брз развој, често во заштитени подрачја, и без примена на законите за заштита на животната средина. Сепак, новата законска рамка одобрена од владата во февруари оваа година дозволува неограничен број хидроелектрани под десет мегавати да продолжат да добиваат оперативни субвенции во форма на повластени тарифи. Во исто време, сончевите фотоволтаици не можат да добијат никакви повластени тарифи, без оглед на големината. Сите квоти за ветерници веќе се резервирани, а само неколку мегавати биомаса и биогас сè уште можат да добијат оперативна поддршка”, се вели во соопштението.
„Вицепремиерот Кочо Анѓушев поседува голем број мали хидроцентрали, а неговиот кабинет е тесно вклучен во подготовката на законодавството за енергетскиот сектор. Затоа одлуката на Владата да даде предност на малите хидроелектрани изгледа сомнително”, рече Давор Пехчевски од „Екосвест“.
Новите правила, што со новата законска рамка се воведуваат само за фотоволтаичните централи и повеќето ветерни централи, се дизајнирани да ги минимизираат трошоците за потрошувачите. Тие мора да се натпреваруваат на аукции за да понудат производство на електрична енергија по најниска цена, а успешните понудувачи се квалификуваат за поддршка во форма на премии што се плаќаат над пазарната цена за електрична енергија за да се осигураат дека ги покриваат нивните производствени трошоци.
Системот со премии, што исто така се применува и во ЕУ, повлекува поголеми ризици за инвеститорите. Исклучувањето на хидроенергијата од овој систем му дава неправедна предност на овој сектор.
„За земја што го има сонцето на нејзино знаме, Северна Македонија чудно го користи својот потенцијал. Привилегираната хидроенергија можеби имала смисла пред неколку години кога сончевата и ветерна енергија биле премногу скапи, но тие денови се одамна поминати”, додаде Филипа Галоп од CEE Bankwatch Network. „Наместо да се стимулира растот на нови извори, оваа шема ги потпомага малите хидроцентрали со голема штета. Оваа пракса треба веднаш да се смени за да се изедначат можностите”.
„Самиот закон за контрола на државната помош не е во согласност со одредбите од Спогодбата за функционирање на Европската Унија кои се однесуваат на заштита на конкуренцијата. Во последниот извештај за земјата од ЕУ во поглавјето 8 за заштита на конкуренцијата стои дека земјата мора да ја подобри транспарентноста на државната помош која ја дава Владата, меѓутоа и да обезбеди независност на институциите надлежни да ја спроведат. Како земја која активно се стреми да стане членка на ЕУ сметаме дека со вакво непочитување на ЕУ-регулативата и игнорирање на забелешките од извештајот ние испраќаме порака дека, за жал, не ја сфаќаме сериозно задачата за исполнување на обврските за влез во Унијата”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

