Економија
Експерти од „Гугл“, „Пејонир“ и „Фејсбук“ („Мета“) доаѓаат во Скопје за петгодишна конференција за е-трговија
Во тек се подготовките за најголемата конференција за е-трговија во Македонија, која годинава ќе се одржи на 11 ноември со мотото E-commerce: Accelerate.
И годинава конференцијата за е-трговија ќе биде место каде што сите присутни ќе може да ги прошират своите знаења во областа на е-трговијата, како и да се запознаат со домашните и странските експерти од областа на е-трговијата, дигитализацијата, е-плаќањата и дигиталниот маркетинг.
Конференцијата ќе биде домаќин на над 25 домашни и странски експерти од 10 држави во светот, кои ќе ги пренесат своето искуство и знаењето преку клучни говори, панел-дискусии и неформални разговори на разни теми поврзани со можностите за забрзување како клучен дел од претприемачкиот екосистем за постигнување раст и развој на бизнисите.
![]()
Директно од големиот светски гигант „Гугл“ (Google) на конференцијата ќе говори менаџерот за развој на бизнисот, Амин Сијала, а своето искуство пред присутните ќе го претстави и Никола Механџиќ од „Пејонир“ (Payoneer), кој работи како раководител за Србија и за Централна и Источна Европа.
Листата на еминентни говорници на конференцијата е збогатена и со претставник од еден од гигантите во социјалните медиуми, Петар Јевтиќ, кој како регионален партнер за клиенти во поранешниот „Фејсбук“, а сегашен „Мета“ (Meta) oд Httpool на публиката ќе ѝ ги разбие митовите кога станува збор за рекламирање на мета-платформите („Инстаграм“, „Фејсбук“), главно од гледна точка на перформанс-маркетингот.
Освен ова, во сеопфатната програма на конференцијата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2022 година, ќе се зборува и за можностите што ги нуди е-трговијата во регионот, за правилно користење на дигиталниот маркетинг, нови технологии и автоматизација на процеси, за промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, а ќе бидат споделени и искуства од бизнисите од успешните е-трговци во регионот – Alma Raz од Босна и Херцеговина, Militaryshop и Ananas од Србија, FitKit и Paket.мк од С. Македонија и многу други.
Инаку, конференцијата годинава првпат добива регионален карактер и на неа се очекува да присуствуваат повеќе од 400 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Бугарија и Хрватска, што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето петто јубилејно издание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

