Економија
„Епл“: Нашите производи ќе поскапат со воведувањето на царината за Кина

Највредната американска и најбогата светска компанија „Епл“ соопшти дека би можела да има проблеми поради воведувањето царина на производите од Кина, кои пред сè би се рефлектирале со повисоки цени на нејзините производи на пазарот во САД.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, континуирано се бори за враќање на производството на американска почва и се обидува да ги принуди компаниите да вработуваат Американци со воведување на царините за увоз од Кина.
Кога оваа недела администрацијата на Трамп најави дека ќе воведе царина од 25 отсто на производите од Кина, реагираа од компанијата „Епл“.
Од таму им пишаа отворено писмо на властите во САД, во кое се наведува дека новите царини на крајот ќе ги платат американските граѓани и дека тие најмногу ќе влијаат на домашните цени на поголемиот број од производите на „Епл“ што доаѓаат од Кина. Компанијата ќе ги зголеми цените и на разни други компоненти и додатоци што ги користат во своите американски погони. Во писмото се наведува дека од компанијата им зависи работата на речиси 2 милиона Американци. Од „Епл“ сметаат дека зголемувањето на цените на производите од Кина ќе ја направи нивната компанијата помалку конкурентна на домашниот и на странскиот пазар.
Реагирајќи на писмото, Трамп наведе дека „Епл“ треба само да почне да гради фабрики во САД наместо во Кина и во САД да го премести целото производство. На тој начин, како што рекол, би имале нулта стапка на царина, па дури и даночни олеснувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за финансиска поддршка за набавка на трактори

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година, наменет за модернизација на земјоделските стопанства преку набавка на трактори.
Максималната поддршка по корисник изнесува 600.000 денари, поддршката се исплаќа на годишно ниво според реализацијата на деловниот план.
Јавниот повик се однесува исклучително за набавка на трактори – приклучната земјоделска механизација не е покриена.
Право на користење на средствата имаат земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.
Земјоделци кои во претходните десет години користеле финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД Програмата или Националните програми за рурален развој, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Крајниот рок за доставување на барањата е 07.07.2025 година.
Економија
Берзите реагираат бурно на расправијата Трамп-Маск, акциите на „Тесла“ паѓаат

На Вол Стрит, берзанските индекси паднаа, главно поради наглиот пад на цената на акциите на „Тесла“, додека пазарот беше поддржан од веста за разговорот помеѓу американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Си Џинпинг. Индексот Дау Џонс падна за 0,25 проценти на 42.319 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,53 проценти на 5.939 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,83 проценти на 19.298 поени.
Акциите на Тесла паднаа за 14 проценти
Цената на акциите на производителот на електрични автомобили „Тесла“ падна за повеќе од 14 проценти, откако јавната расправија помеѓу извршниот директор Илон Маск и Трамп се интензивираше.
Цената на акциите падна во четири од последните пет трговски дена, откако Трамп и Маск ја започнаа својата вербална војна, за време на која „Тесла“ изгуби околу 150 милијарди долари пазарна вредност.
Маск ги засили критиките кон огромниот закон за даночни стимулации на претседателот во последните денови, додека Трамп тврди дека Маск е вознемирен затоа што законот ги елиминира даночните олеснувања за купување електрични возила.
„Последиците за акциите на ‘Тесла’ се очигледни. Но, не гледам никакви значајни последици за остатокот од пазарот, освен мало влијание врз индексите. Генерално, берзата има многу проблеми, но ‘Тесла’ не е еден од нив“, рече Марк Шпигел, менаџер за портфолио во Stanphyl Capital.
Сепак, пазарот беше поддржан од телефонскиот повик меѓу Трамп и Си. Нема дополнителни информации за разговорите, освен дека тие се поканија еден со друг на официјални посети. И тоа беше оценето како позитивно од пазарот, бидејќи неодамнешниот спор околу клучните минерали се закани да го наруши кревкото трговско примирје меѓу двете најголеми економии во светот.
Економија
АД ЕСМ со најповолна понуда за електрична енергија, соопшти „ЕВН хоме“

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2025 доби најповолна понуда од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини, соопштија од таму.
Оваа цена, како што појаснуваат, е идентична со претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“, се истакнува во соопштението.