Економија
ЕСМ: Во 105 објекти не се обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија
Апелираме до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона, велат од ЕСМ.
Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици, како што додаваат од таму, е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.
„Во моментов во околу 105 објекти (што претставува околу 3,7% од вкупниот број на мерни места) сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици. Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено и навремено, апелираме до потрошувачите, ‘Управителите’, односно ‘Заедниците на сопственици’ да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација). Одржувањето на внатрешната грејна инсталација согласно важечките законски и подзаконски акти е одговорност на потрошувачите“, се додава во нивното соопштение.
Ги повикуваат потрошувачите, пред да пријават дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот затворени објекти кај кои не се испорачува топлинска енергија даден во Прилог. Доколку објектот за кој бараат информација не е на списокот на затворени објекти, потрошувачите може да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи за да биде евидентиран нивниот објект.
„За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви:
За потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје на подрачјето на дел од градот Скопје и тоа: Општина Аеродром, дел од Општина Гази Баба, Општина Ѓорче Петров, Општина Карпош, Општина Кисела Вода, Општина Центар и Општина Чаир.
Центар за грижа на потрошувачи (24/7): 02 3076 200 и 075 400 100
За потрошувачите на Енергетика – Оддел за топлинска енергија на подрачјето на дел од градот Скопје и тоа: дел од Општина Гази Баба Дефекти и протекување (24/7): 071 313 405 Центар за грижа на корисници (пон-петок,07.00–19.00): 02 3104 816 Рекламации за квалитет на греење (пон-петок, 07.00-19.00): 02 3104 872“, се потенцира во пишаната информација.
Соработката од страна на потрошувачите, според оваа компанија е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash

