Економија
ЕСМ го презеде управувањето со БЕГ и топланата Скопје Север
По донесувањето на одлуката од страна на Владата и одобрување на текстот на договорите, ЕСМ од денеска влезе во привремено управување на Друштвото за производство на топлинска енергија Балкан енерџи и на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода АД Скопје Север во стечај.
ЕСМ потпиша три договори за деловно-техничка соработка со трите правни субјекти на Балкан Енерџи, (Производство, Дистрибуција и Снабдување). Договорот предвидува влегување на АД ЕСМ во раководењето на Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје преку назначување прокуристи, лица вработени во АД ЕСМ, чиј потпис ќе биде врзан со потписот на управителите на друштвото Балкан енерџи. Сите одлуки, договори и плаќања ќе се реализираат со два потписи, односно без согласност на прокуристот од АД ЕСМ, Балкан енерџи нема да смее да врши исплати и да склучува договори.
Средствата кои АД ЕСМ ќе ги добие од Владата за справување со кризата со снабдување со топлинска енергија, ќе ги уплатува повремено, во потребни износи, на наменската сметка која Балкан енерџи ќе ја отвори согласно договорот и од која исплатите ќе се вршат со врзан потпис.
Средствата од 6 милиони евра кои наменски се одредени од Владата за справување со кризата со топлинска енергија, согласно договорот ќе бидат искористени за набавка на гас за производство на топлинска енергија во Балкан енерџи, за набавка на топлинската енергија која се презема од производителот ТЕ-ТО и за други трошоци исклучиво поврзани со производниот процес.
Балкан енерџи секојдневно ќе ги префрла на наменската сметка и сите свои приливи кои му пристигаат на неговите други сметки.
Додека трае договорот за деловно-техничка соработка, Балкан енерџи ќе ги врши исплатите кон трети лица исклучиво преку наменската сметка и со согласност и врзан потпис од прокуристот.
Балкан енерџи гарантира за вложените средства добиени од страна на државата, со меница потпишана од основачот на Балкан енерџи. Враќањето на средствата кон АД ЕСМ ќе се реализира во 2023г, по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона.
ЕСМ ќе поднесува месечни финансиски извештаи до Владата за потрошените средства наменети за справување со кризата со топлинска енергија и извештаи за комплетното работење на привременото управување.
Владата го задолжи АД ЕСМ да ја преземе обврската за кризно менаџирање со снабдувањето со парно греење во градот Скопје со оглед на тоа што АД ЕСМ е најголема државна енергетска компанија и преку неа може да се управува со средства од државниот буџет. АД ЕСМ, исто така поседува свој систем за снабдување со топлинска енергија на еден дел од Скопје, и оттука располага со ресурси и кадри за да го преземе менаџирањето на целокупното снабдување на градот.
Целта на воведувањето на кризното менаџирање со снабдувањето со топлинска енергија е да се овозможи парно греење до крајот на грејната сезона, со оглед на тоа што снабдувачите се изјаснија дека немаат средства за набавка на гас за призводство на топлина по екстремниот скок на цената на гасот. Влегувањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас овозможи да се спречи дополнителено продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење граѓаните би се префрлиле на греење на струја, а со тоа би дошло до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

