Економија
„Еуромакс“: Одлуката за „Иловица“ е политичка, ќе ги искористиме сите правни лекови
Едностраната одлука на Владата да го раскине договорот за концесија за рударската област Иловица е политичка, велат од компанијата „Еуромакс“. Од таму додаваат дека се подготвени да ги исцрпат сите домашни и меѓународни правни лекови и дека ангажирале реномирана меѓународна правна фирма.
„Ова е политичка одлука што е во спротивност со официјални изјави на Владата дадени во јавноста неодамна, како и во последните неколку дена, дека тие чекаат Управниот суд да донесе одлука за ова прашање. Одлуката ова прашање да се реши од страна на администрацијата во период додека судството го разгледува, сериозно го доведува во прашање владеењето на правото во РС Македонија“, се вели во соопштението.
Од таму потсетуваат дека на 1 октомври навеле дека опцијата за меѓународна арбитража останува отворена и ќе се постапува соодветно. Од „Еуромакс“ ја ангажирале меѓународната адвокатска фирма LANSKY, GANZGER & Partner за случајот.
„Покрај нашата силна правна позиција во рамките на РС Македонија, убедени сме дека ‘Еуромакс’ има силни аргументи за меѓународна заштита на инвеститорите, а Владата на РС Македонија треба да биде сигурна дека компанијата е подготвена да ги исцрпи сите домашни и меѓународни правни лекови“, велат од таму.
Извршниот директор на „Еуромакс ресурси“, Варшан Гокул, вели дека одлуката е разочарувачка.
„Ова е длабоко разочарувачки. Како најголем странски инвестициски партнер во државата компанијата во моментот е третирана повеќе од лошо од оваа Влада. Во последните пет години инвестиравме милиони евра во земјата подготвувајќи се за изградба на проектот.
Претходно оваа година, Европската комисија изрази загриженост за владеењето на правото во РС Македонија. Јасно е дека тешкотијата што ја имаме е доказ за тоа и не е изненадување што меѓународните партнери се загрижени за тоа што се случува во Скопје“, вели Гокул.
Според него, ова ќе го обесхрабри секој што сериозно размислува да инвестира во земјата.
„Иако постои правен лек за сето ова – и ние сме многу силни во нашата правна позиција – оваа можност само резултира со непотребно одложување и неактивност спречувајќи нè да ги испорачаме многу потребните работни места и инвестиции. Веќе неколку години соработуваме со локалната заедница. За жал, тие губат најмногу со оваа одлука на Владата“, вели тој.
Габриел Ленски, партнер во LANSKY, GANZGER & Partner, вели дека „Еуромакс“ има силен случај и дека имаат насока и подготвеност да ги исцрпат сите постојни домашни и меѓународни правни лекови.
Од компанијата велат дека одлуката на Владата се однесува на концесијата „Иловица 6“ на компанијата, а концесијата „Иловица 11“ останува непроменета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

