Економија
Заев: Најголемата софтверска бугарска компанија „Скејл фокус“ наредните 5 години планира да инвестира 45 милиони евра и 300 работни места
Најголемата софтверска компанија од Република Бугарија, „Скејл фокус“, во наредните 5 години е подготвена да инвестира околу 45 милиони евра, и тоа повеќе од 34 милиони евра во плати за повеќе од 300 работни места, повеќе од 6 милиони евра во давачки за буџетот на Северна Македонија, повеќе од 3 милиони евра за закупнина на деловен простор и повеќе од 2 милиони евра за обука и развој на вработените, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на церемонијата на потпишување државен договор за поддршка на оваа инвестиција во нашата земја.
Во своето обраќање по тој повод премиерот Заев нагласи дека компанијата има намера активно да соработува со локалните организации, универзитети и компании, за придонес во развојот на информатичката и дигиталната технологија.
„Софтверските решенија на ‘Скејл фокус’ ќе се интегрираат во постоечките водечки продукти на познатите компании како што се ‘Ај-Би-Ем’, ‘Оракл’, ‘Мајкрософт’, ‘Апиан’и други глобални компании. Техничкиот центар на оваа компанија во Скопје ќе биде продолжување и проширување на можностите на компанијата кој ќе биде организиран и управуван според најдобрата пракса на софтверската индустрија во светот. Инвестицијата на ‘Скејл фокус’ ја прави Северна Македонија важно место на мапата на софтверската индустрија и на информатичката технологија“, нагласи премиерот Заев.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, рече дека „Скејл фокус“ е компанија којашто има канцеларии во 5 земји во светот, во Бугарија, во Обединетото Кралство, во САД, во Швајцарија и Германија и во Северна Македонија.
„Софтверската компанија ‘Скејл фокус“ вработува над 1000 вработени, работи за 300 клиенти во моментов на 500 проекти. Тоа е една исклучително брзорастечка компанија, а тоа го потврдува и извештајот на ‘Фајненшл тајмс’ од 2019 година, кој ја вбројува компанијата во 1000-те најбрзорастечки компании во Европа и цениме дека е добро што токму оваа компанија ќе направи своја ќерка фирма и во нашата држава“, додаде Анѓушев. Пламен Цеков, извршен директор на „Скејл фокус“, по потпишувањето на договорот рече дека причината да инвестираат во Северна Македонија е во огромниот потенцијал и талентираните млади луѓе од сферата на информатичките технологии.
„Сега имаат можност се вклучат во ИТ-индустријата на глобален план и преку високи плати да го изградат столбот на средната класа. Притоа да останат во својата земја, а да работат на европски проекти и плати. Со тоа сметаме дека ќе помогнеме дека Северна Македонија да оди побрзо на својот пат кон Европската Унија“, рече сопственикот и главен извршен директор на компанијата, Цеков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

