Економија
Заев: На располагање ни се 80,5 милиони евра за изградба на енергетски објекти
На потпишувањето на договорот за грант од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција помеѓу „Електрани на Северна Македонија“ и германската банка за развој банка КФВ, премиерот Зоран Заев истакна дека грант-средствата ни ставаат на располагање дополнителни 80,5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетските објекти.
„Со потпишувањето на денешниот договор правиме уште еден чекор напред во исполнувањето на зацртаните цели во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Тоа подразбира силна волја и посветеност за имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливо за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефити“, објасни премиерот и додаде дека поддршката е од огромна важност бидејќи го забрзува темпото кон енергетската транзиција за почисто производство на електрична енергија, користење обновливи извори на енергија, замена на јагленот со природен гас и намалување на јаглеродните емисии на долгорочен план.
Премиерот Заев изрази благодарност до Германија за поддршката што ѝ ја дава на нашата земја во последните 20 години за развојни проекти во вкупен износ од над 500 милиони евра, од кои повеќе од половина се во енергетскиот сектор.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјата, Анке Холштајн, изрази задоволство што соработката помеѓу двете држави се проширува и интензивира, овој пат во областа на енергетиката.
„Владата е на вистинскиот пат со вложувањето кон обновливи извори на енергија и поддршка на зелени инвестиции во јавниот сектор, кои ќе придонесат во намалување на загадувањето. Во Германија јасно се гледаат предностите од обновливите извори на енергија и чекорите што ги прави Северна Македонија во реформите на енергетскиот сектор“, истакна Холштајн.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, рече дека Германија и КФВ се наши партнери во спроведување на зеленото сценарио преку поволни кредитни линии, преку стручна помош и преку неповратни средства – каков што е денешниот грант од 2,4 милиона евра.
„Со средствата што се предмет на потпишаниот грант ќе биде финансирана изработката на физибилити-студии и студии за влијанието на животната средина и социјалните аспекти на проектите“, истакна Ковачевски.
За директорот на КФВ за Македонија и Косово, Рене Ешеман, ова е голем важен чекор во соработката помеѓу двете држави и тој ја поздрави одлучноста на Владата за енергетска транзиција.
Со средствата од грантот, како што беше истакнато, ќе се поддржат фотоволтаични електрани во РЕК „Битола“ со капацитет поголем од 140 MW, рехабилитација на трета фаза на големите хидроелектрани, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот „Енергетика“ во Гази Баба и соларна топлификација во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Трајчулевски: Предложениот Буџет за 2026 година ја турка државата во уште подлабока сиромаштија
Предложениот Буџет за 2026 година е документ кој ја турка државата во уште подлабока сиромаштија, неизвесност и задолжување, а граѓаните ги остава заборавени. Оваа влада нема никаков план за достоинствен живот на граѓаните. Единствено што знае е да приредува театар што сите скапо го плаќаме, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Тој потенцираше дека со овој предлог буџет граѓаните се запоставени, средства не се доделуваат каде што се најпотребни, а минималната плата е суровата реалност за граѓаните.
„Затоа ја слушаме изјавата на министерот за економија, кој истакнува дека нема економска причина и оправданост за зголемување на минималната плата за работниците. Министерот, од безбедна дистанца и со одлична плата, им објаснува на сопствениот народ дека добро се живее со минимална плата, која, впрочем, е најниска во целиот регион. Повторно розови очила за власта и сурова реалност за работниците“, рече Трајчулевски.
Тој нагласи дека владата продолжува да ги крати средствата за значајни институции и проекти, како средствата за Инспекторатот за македонски јазик се скратени за 91%, и покрај тоа што, како што кажа, СДСМ го основа за заштита на јазикот. Според него, капиталните расходи се намалени за 15%, а фискалната консолидација се врши на сметка на инвестициите, а не преку рационализација.
„2025 година завршува со само 50% реализација. Вакво потфрлање не е видено во нашата историја. И после две години власт, нема ниту еден нов проект“, рече Трајчулевски.
Тој додаде дека владата проектира буџет од 6,7 милијарди евра, поголем од најголемиот досега, оној за 2025 година. „Ова дополнително ќе ја влоши фискалната кондиција на земјата и тоа ќе го видиме наредната година, при првиот ребаланс. Ова не е буџет за развој, ова е буџет за купување време, за купување социјален мир, за купување политички опстанок“, посочи Трајчулевски.
Тој потенцираше дека новиот буџет е доказ за континуирани неисполнети ветувања и лаги.
„Добредојдовте во реалноста, таа е пресликана во буџетот што го предлага власта. Изборите поминаа, сега граѓаните на власта веќе не ѝ се важни. Се прави крупна манипулација со лажно прикажување раст на БДП од 3,8%. За 2026 година се планира задолжување од над 120 милијарди денари. Во 2027 каматите ќе бидат 500 милиони евра, само за камати“, рече Трајчулевски.
Економија
Пренџов: Со Буџетот за 2026 ќе продолжи зголемувањето на платите во образованието, одвоени се средства за гасификација
На денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, кој објасни дека овој Предлог-буџет претходи на соодветен економски раст, и направи компарација со претходните буџети за време на владеењето на СДС со што истакна дека за седум години БДП во просек растел 1,1% годишно.
„На овој буџет му претходни соодветен економски раст, седум години СДСМ формирал и трошел државен буџет-народни пари, во седум години предвидувал разни проекции за раст на БДП, во просек економијата под раководство на СДСМ растела со 1,1% годишно“, рече Пренџов.
Тој истакна дека инфлацијата сега изнесува 4,3% за разлика од минатото кога била 29%, во енергетиката се издвоени средства за гасификација, и го наведе интензивното зголемување на платите во образованието и полицијата.
„Во 2022 година во Република Македонија инфлацијата била 19%, кога регионот имаше 40% помала од таа, инфлацијата на храна и пијалоци тогаш била 29%, денес е 4,3%, и тоа е разликата помеѓу едната влада и другата влада. Во енергетика имаме огромна сума за гасификација на определени територии на Република Македонија, платите во основно, средно образование, полиција има покачување, тие ќе се зголемуваат. Имаме големи средства за зголемување на дигитализацијата, УЈП го менува системот, се модернизира, данок ќе плаќа секој. Од првиот повик имаме 286 проекти со склучен договор од вкупно 287, вториот повик има 828 проекти имало вкупно аплицирано, 509 се веќе завршени, веќе има склучени договори и 76 општини направиле ребаланс“, објасни Пренџов.
Економија
Трипуновски: Oд утре почнува откупoт на тутун
Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со директорот на Тутунскиот комбинат Прилеп, Александар Алексовски, на која се разговараше за почетокот на откупот на тутун од реколта 2025 година.
„Знаете се наоѓаме на почетокот на откупната сезона на тутун од реколта 2025 година, согласно процедурите, мострите во текот на денешниот ден ќе бидат подигнати, што значи дека од утре ќе може да се почне со откуп на тутун”, истакна Трипуновски од Прилеп.
Според директорот на Тутунскиот комбинат, на сите пунктови кои се веќе пријавени, во текот на утрешниот ден ќе започне откупот на тутун и ќе трае согласно законските рокови.
Трипуновски посочи дека оваа година имаме тутун со одличен квалитет, со што се продолжува традицијата на квалитетно производство.
„Минатата година знаете дека постигнавме сериозен успех, имаме околу 11% зголемени површини од пријавени земјоделски стопанства во делот на одгледувачи на тутун. Тоа значи дека веќе го враќаме овој стратешки производ на пиедесталот”, појасни министерот.
Тој посочи дека министерството останува посветено и ќе го следи целиот процес на откупување на тутунот преку Државниот инспекторат за земјоделство, кој е надлежен за откуп на земјоделските производи.
Трипуновски истакна дека се надева дека оваа година ќе имаме поуспешна откупна сезона на тутун.

