Економија
Заев на средба со претставници на „Макам транс“

Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и претставници од неговиот кабинет од секторот за транспорт, се сретна со претставници од „Макам транс“, Асоцијацијата на здруженија на работодавачи на превозните трговски друштва во нашата држава, предводени од генералната секретарка Биљана Муратовска.
На средбата е разговарано за прашања од важност за превозниците и е договорено, по насока на премиерот Заев, низ уште поактивна институционална соработка да се пристапи кон нивно решавање, согласно законите во земјава и искуствата и регулативите од ЕУ.
Од страна на претставниците на „Макам транс“, е истакнато дека за првпат се примени од премиер со којшто можат отворено да разговараат за отворените прашања, проблеми, искуства што ги имаат со цел нивно поефикасно надминување.
На денешната средба договорено е зголемување на заложбите за реализација на обезбедувањето дозволи согласно Спогодбата за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ, споделени се информации околу финализирање на Спогодбата со Германија за штаер-картата, што би значело и намалување на трошоците за патни такси, постигната е согласност за вложување поголеми напори за освојување нови транспортни пазари, како Казахстан, Киргистан, Азербејџан, Грузија, Ерменија, преку потпишување билатерални спогодби. На средбата е разговарано и за доделувањето ЦЕМТ-дозволи во интереси и на големите и на малите превозници на стоки, со цел рамноправност, но и мотивираност на работодавачите за нови вложувања.
Разговарано е за можностите за решавање на проблемите со казни што ги имаат превозници од нашата држава на некои царински простори во други држави, поради причини на коишто превозниците не можат да влијаат. Договорено е претставниците на „Макам транс“ да достават забелешки на законите коишто се во собраниска процедура, а коишто се однесуваат на транспортот, со цел обезбедување што поширока прифатливост за засегнатите страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Завршува ерата на неточни броила“: Министерството за енергетика бара опремата за проверка на струјомерите веднаш да биде на располагање на граѓаните

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини активно работи на воведување системски решенија кои ќе ја зголемат заштитата на граѓаните и ќе обезбедат поголема транспарентност и контрола врз мерењето на потрошената енергија. Во таа насока, министерката Божиновска бара, во најкраток можен рок, Бирото за метрологија да ја стави во функција софистицираната опрема за тестирање и верификација на броилата, која поради неажурност во претходните години останала неискористена и не била ставена во функција.
Станува збор за машина – Трофазен систем за мерење на електрична енергија и моќност, која повеќе од 7 години седи неупотребена во подрумските простории на Бирото. Со ставањето во употреба на оваа опрема, крајна цел е, освен верификација на мерилата, и да се испитува исправноста на мерилата по жалба на потрошувач, за која Божиновска инсистира да биде спроведувана и заради честите поплаки и барања од граѓаните.
Минатата недела, Министерката Божиновска при посетата на Бирото за метрологија изврши обиколка на опремата со цел да се утврди нејзината состојба. Веднаш беа дадени насоки да се започне со сите потребни активности за нејзино итно активирање. По што доби уверување од раководството на Бирото дека веднаш ќе се распише потребниот тендер за проверка на функционалноста, инсталација и пуштање во употреба на опремата, како и обука на вработените, по што ќе може да започне со проверки на броилата.
Со оваа мерка, граѓаните ќе добијат можност за независна проверка на исправноста на своите броила, директно во државна институција. Ова ќе овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да се провери со прецизни и официјални мерења, при што граѓаните ќе добијат јасен и недвосмислен одговор за состојбата на нивниот инструмент.
Истовремено, ова ќе претставува дополнителен механизам на контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што ќе се обезбеди поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и ќе се намалат можностите за неправилности. Министерството останува посветено на заштитата на правата на граѓаните и воведување механизми кои ќе обезбедат фер и точен систем на мерење.
Економија
Божиновска во Вруток: И покрај предизвиците Мавровскиот систем произведе 28% над планот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети Хидроелектраната Вруток, во рамки на нејзините заложби за редовна проверка на сите енергетски капацитети во земјата. Оваа посета е дел од континуираните активности на Министерството за следење на состојбата на клучните енергетски објекти и подобрување на нивната ефикасност.
ХЕЦ Вруток, како најголема електрана во рамки на Мавровскиот хидроенергетски систем, игра стратешка улога во македонскиот електроенергетски систем. Со инсталирана моќност од 165,6 MW и просечно годишно производство од 350 GWh, Вруток е клучен фактор во обезбедувањето стабилност на снабдувањето со електрична енергија.
„Континуираниот надзор и инвестиции во хидроелектраните се суштински за енергетската безбедност на земјата. Нашата цел е да ја зголемиме ефикасноста, сигурноста и одржливоста на хидропотенцијалот што го имаме. Мавровскиот хидроенергетски систем е столбот на обновливото производство на електрична енергија во Македонија, и затоа е важно да се одржува со највисоки стандарди“, изјави министерката Божиновска.
И покрај предизвиците со ниската кота на Мавровското Езеро (2,74 m под нивото од 2023 г.), преку реорганизација и оптимално планирање, ХЕС „Маврово“ постигна производство од 493,27 милиони kWh во 2024 година – за 28% над планот. Ова придонесе за стабилно снабдување со енергија во земјата и задоволување на потребите во периоди на врвна потрошувачка.
Мавровскиот хидроенергетски систем, кој покрај ХЕЦ Вруток ги опфаќа и ХЕЦ Равен и ХЕЦ Врбен, со вкупна инсталирана моќност од 200 MW и годишно производство од околу 450 GWh, претставува еден од најголемите и најсложените во земјата. Водите што се влеваат во езерото се собираат од површина од над 500 километри квадратни од планининските масиви на Кораб и Шар Планина. Водата се пренесува со канали и цевководи долги над 130 километри. Со акумулација од 275 милиони кубни метри вода, овој систем е од критично значење за енергетската одржливост и балансирање на производството од обновливи извори
Во текот на посетата, министерката Божиновска се запозна со тековните активности за одржување и планираните инвестиции во модернизација на постројките. Во последните декади, системот беше предмет на три фази на ревитализација, со вкупна инвестиција од преку 60 милиони евра. Последната фаза од ревитализацијата, завршена во 2014 година, овозможи зголемување на инсталираната моќност за дополнителни 18,58 MW и годишното производство за 40 GWh. Дополнително, ревитализацијата придонесе за намалување на емисиите на CO₂ за 36.400 тони годишно.
Во наредните години, се планира реализација на третата фаза на ревитализација, Овие активности ќе осигурат продолжување на животниот век на објектите, зголемување на нивната сигурност и стабилност, како и дополнителни економски придобивки. Дополнителни приходи од околу 2,5 мил. евра од зголеменото производство и околу 2,5 мил. евра од системски балансни услуги.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со стратегијата за развој на хидроенергијата, а во наредниот период се предвидени нови инвестиции за зголемување на ефикасноста на постоечките капацитети и подобрување на нивната стабилност. Со вакви активности, Министерството го потврдува својот фокус на енергетската транзиција и одржливо производство на електрична енергија.
Економија
УЈП: Поднесете ги ДДВ-04 пријавите навреме, избегнете дополнителни трошоци

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители и навремено да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за изминатиот даночен период. Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е 25-ти февруари (вторник).
„До вчера до крај на работниот ден од очекуваните 7.396 ДДВ пријави, поднесени се 1.862 што претставува 25% од вкупниот број на ДДВ – 04 пријави за овој даночен период. Ова покажува дека значителен број на обврзници сè уште не ја исполниле својата законска обврска, односно остануваат да се поднесат уште 5.534 ДДВ – 04 пријави“, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат стрес, казни и дополнителни финансиски трошоци.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на:
Е-пошта: [email protected]
Телефонски броеви:
Од фиксна линија: 0800 33 000
Од мобилен телефон: 02 3253 200
Управата за јавни приходи и нејзините тимови во секое време стојат на располагање за да обезбедат информации со цел успешно исполнување на даночните обврски од страна на даночните обврзници“, се додава во соопштението на УЈП.