Економија
Заев на средба со седумдесетина компании членки на Стопанската комора Македонија – Турција
Премиерот Зоран Заев заедно со министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, и советникот за економија и финансии, Фатмир Бесими, вчера одржаа работен состанок со седумдесетина компании членки на Стопанска комора Македонија – Турција, МАТТО, кои беа предводени од претседателот на Комората, Ајдован Адемовски.
На работната средба со компаниите членки на МАТТО премиерот Заев ги потврди силните заложби на Владата да ја интензивира економската соработка со Турција и посочи дека токму ваквиот тип средби се во правец на остварување на тие заложби. Премиерот Заев ги пренесе позитивните впечатоци од неодамнешната официјална посета на Турција и рече дека постои силна политичка волја од двете страни традиционалното вековно пријателство уште поинтензивно да се рефлектира низ зголемување на економската соработка помеѓу двете земји. Во рамките на работната средба беа споделени размислувања, идеи и препораки од страна на бизнис-заедницата.
„Импресионирани од мотивацијата што ја добивме од неодамнешната посета на Турција, наша заедничка должност е да разработиме конкретни проекти и активности кои за деловната заедница ќе значат бизнис и повеќе профит, за Република Македонија нови работни места, зголемување на БДП и севкупниот извоз“, порача премиерот Заев.
Тој рече дека во Македонија веќе работат сериозен број турски компании што им даваат плата на вработените, плаќаат даноци во буџетот и учествуваат во севкупното производство и во извозот и порача дека уште повеќе треба да се зголемува овој број на турски инвестиции и да се искористи големиот потенцијал за соработка што двете земји го имаат. „Охрабрувањето што го добивме од Турската стопанска комора и од разговорите со премиерот Јилдирим и претседателот на Турција, Ердоган, покажуваат една сериозна посветеност во детали кон Република Македонија. Негуваме едно традиционално вековно пријателство што мора да нè охрабри сите, пред сè, деловната заедница, да преземеме уште поконкретни инвестиции во земјата“, додаде Заев на средбата со турските бизнисмени.
Премиерот Заев информира за можностите што ги отвора планот за економски раст и законското решение што помина на владина седница и изрази силни очекувања дека стопанствениците ќе ги пронајдат своите можности за инвестирање преку поддршката што ја овозможува овој план и ќе преземат храбри чекори за нови инвестиции во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.