Економија
Заев со заменик-претседателката на Европската инвестициона банка: Силна поддршка во европската агенда, на стратешките регионални и домашни проекти
Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, се сретна со заменик-претседателката на Европската инвестициона банка, Лилјана Павлова и со секторски претставници на ЕИБ.
На средбата е изразена подготвеност за натамошна поддршка на нашата држава од страна на Европската инвестициона банка, во делот на значајните стратешки и домашни проекти. Констатирано е дека досегашната соработка е само почеток на експанзивната соработка помеѓу нашата држава и ЕИБ.
На состанокот беше разговарано околу определеноста кон значителен напредок на стратешки важните проекти за државава, како што се следната фаза на патното регионално поврзување во рамките на проектот Коридор 8 и проектот Интерконективен гасовод Северна Македонија – Грција и на домашен план кон вложувања во здравствениот сектор, во делот на зелената агенда и енергетската ефикасност, водоснабдувањето. Разгледани се можности за поддршка на проекти во здравствениот сектор, за дигитализација на училиштата, во делот на зајакнувањето на институционалните капацитети и засилувањето на ефикасноста на имплементацијата на започнатите проекти, во реализацијата на Планот за економски раст. Станува збор за области каде што ЕИБ е веќе вклучена со поддршка или може да се вклучи, преку усогласување со поддршката што ќе ја добие нашата држава во рамките на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, од Европската комисија.
„Посветени сме силно на европската агенда. Унапредувањето на регионалната инфраструктура значи можност за подобро инфраструктурно поврзување на нашата држава со регионот, но и меѓу државите во регионот, што значително влијае и на унапредувањето на политичката соработка. Подеднакво важна е и поддршката што ја добиваме во делот на унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните дома“, рече премиерот Заев.
Министерот Бесими посочи на важноста од поддршка во делот на Планот за развој на економијата во нашата држава.
Премиерот Заев и министерот Бесими нагласија дека Владата фокусирано работи на овозможувањето услови за функционирање на граѓаните на државата во време на пандемијата, но презема чекори и за постпериодот со цел поефикасно заздравување и развој на економијата и дека во тие процеси многу значи соработката со ЕИБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Славески на конференција во Тирана: Водиме претпазлива монетарна политика и подготвени сме да им одговориме на сите потенцијални ризици
„Народната банка дејствуваше одлучно за да ja зачува макроекономската и финансиската стабилност во економијата. Како и повеќето централни банки во регионот и пошироко, беа преземени сеопфатни пакет-мерки насочени кон стабилизирање на инфлацијата, зачувување на стабилноста на девизниот курс и зајакнување на финансиската стабилност.“ Ова го истакна гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Банката на Албанија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, по повод 100-годишнината од нејзиното основање. На конференцијата присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами.
На панел-дискусијата на којашто учествуваа и гувернерите на Ерменија, Малта, Литванија и Португалија, а којашто ја водеше првата заменик-гувернерка на Банката на Албанија, Лулјета Минџози, гувернерот Славески посочи дека внимателно осмислената монетарна политика и мерките преземени на девизниот пазар придонесоа за зацврстување на инфлациските очекувања и за постепено намалување на инфлацијата.
„Инфлацијата значително се намали во однос на нејзиниот максимум од крајот на 2022 година и повторно се сведе на едноцифрено ниво. Врз основа на преземените мерки, како и претпоставките за надворешниот и домашниот контекст, очекуваме нејзино натамошно забавување и враќање на нивото на историскиот просек во периодот што следува“, истакна Славески, додавајќи дека Народната банка и натаму е внимателна и ја води својата политика врз основа на темелни анализи и податоци, при што секоја одлука ќе се носи со разгледување на сите достапни информации и на потенцијалните ризици.

Гувернерот исто така посочи и на низата макропрудентни мерки што Народната банка ги презеде во изминатиов период како втора „линија на одбрана“, со коишто се поддржа поставеноста на монетарната политика и дополнително се зајакна финансиската отпорност и стабилноста на системот. Притоа, сите активности беа придружени со засилена и проактивна комуникација со јавноста, којашто одигра важна улога во стабилизирањето на пазарните очекувања и зачувувањето на довербата и кредибилитетот на Народната банка.
На конференцијата на која учествуваа гувернери на централни банки, како и претставници на меѓународни институции и академската заедница, се зборуваше за начинот на кој централните банки можат да го задржат кредибилитетот, да ги зацврстат очекувањата и да постигнат ценовна стабилност во услови на непредвидливо ценовно окружување, зголемена геополитичка неизвесност и постојани светски шокови.
Економија
P2P.mk на e-Commerce конференцијата: Нови пари, нова филозофија
Да се биде дел од е-Commerce конференцијата, значи да се биде таму каде што се дефинира иднината на дигиталната економија.
Над 800 учесници, десетици стартапи, инвеститори и визионери и една заедничка мисла: дека финтекот не е само технологија, туку култура на доверба.
Во рамките на програмскиот блок „How to Get Funded – the Smart Way“, публиката имаше прилика да го слушне Гого Рафајловски и Теодор Тодоровски од кои на многу различен, но комплементарен начин ја раскажаа приказната за паметните инвестиции и фер системите.

Гого Рафајловски, претставник на Zephyr Angels, ја отвори сесијата со јасна порака:
„Кешот е кислород, не насока.“
Со таа реченица го постави темелот на дискусијата, дека капиталот сам по себе не е решение ако нема стратегија, фокус и интегритет.
„Smart money е секогаш подобро од easy money. Тракцијата вреди повеќе од трансакцијата. Финансирањето не е крајна цел, тоа е стартна линија.“
Веднаш потоа, Теодор Тодоровски, извршен директор на P2P.mk, донесе поинаков агол, оној на човекот кој ја гради платформата што ја редефинира довербата во финансискиот свет.

„Понекогаш најголемата иновација не е нова технологија, туку нов начин на однос. Во финансискиот свет, каде што сите зборуваат за проценти, ние решивме да зборуваме за принципи. Затоа што само кога системот е фер, бројките навистина имаат смисла.“
Со оваа порака, P2P.mk уште еднаш го потврди својот идентитет, платформа што не ветува чуда, туку создава фер услови: транспарентност, флексибилност и доверба што се заработува, не се купува.
По презентацијата, во рамки на P2P Networking Cocktail, се сретнаа стартапи, инвеститори и претставници на водечки компании од целиот регион.

Да се биде на е-Commerce Conference за P2P.mk значи дека новата генерација на финтек решенија од Македонија може да биде рамноправен играч на европската сцена.
И дека вистинската вредност не лежи во бројките, туку во принципите што ги прават тие бројки вистински.
ПР
Економија
Дурмиши: Нови дигитални алатки и посилна инспекција за заштита на работниците
Почнувањето на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ претставува значаен чекор во унапредувањето на националната политика за безбедност и здравје при работа, истакна денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во своето обраќање на официјална промоција на проектот.
„Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза, во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.
Проектот е насочен кон намалување на бројот на повреди и професионални заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област.
„Светот на работните односи се менува – брзата дигитализација, новите форми на вработување и економските предизвици бараат систем што предвидува, спречува и штити. Владата на Република Северна Македонија ги постави безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Законот сами по себе не е доволен – потребни се функционални институции, инспекции и континуирани обуки“, додаде министерот.
Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, се спроведува со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и финансиска помош од Европската Унија. Министерот Дурмиши истакна дека со заедничка работа на Владата, работодавците, синдикатите и експертите, Северна Македонија ќе создаде посигурни и поздрави работни средини, каде што безбедноста ќе биде темел на економскиот развој.

