Економија
Заев: Со мерките за вработување, вработени се 3.934 граѓани во само три града
Гаранцијата за млади – искуствата и придобивките од оваа мерка во Оперативниот план за вработување беа тема на денешниот настан на кој учествуваа претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, активирани млади лица преку мерката, теренски работници коишто ја промовираат мерката, како и други чинители вклучени во процесот.
Учесниците повеќе од еден час ги пренесуваа своите лични искуства од користењето на Гаранцијата за млади, којашто за првпат лани се пилотираше во Скопје, Гостивар и Струмица, и се информираа како може да се вклучат во истата.
Премиерот Зоран Заев истакна дека само врз база на мерките од Оперативниот план, вработени се 3.934 граѓани во Северна Македонија и тоа само во пилот-фазата во три града. Оваа година имплементацијата на Гаранцијата за млади ќе се реализира на целата територија на земјата со посебен акцент на североисточниот Полошкиот и Југозападниот Регион во кои се спроведуваше пилот-фазата. Само во овие три региони се очекува 3.000 млади лица да бидат опфатени со мерката Гаранција за млади. Планираниот опфат на учесници во гаранција за млади на целата територија е околу 9.500 млади лица
„Младинската невработеност, односно нејзиното намалување е приоритет на Владата на Северна Македонија. Минатата година севкупниот процент на невработени го спуштивме под психолошката бројка од 20 отсто и сега изнесува 19,7 отсто, што ни дава импулс во 2019 година за речиси трипати да го зголемиме буџетот за поддршка на Оперативниот план за вработување“, истакна премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изјави дека со Гаранцијата за млади Владата покажува дека се грижи секое младо лице да си го најде местото во општеството и да остане во државата бидејќи само така можеме да изградиме силна економија.

„Северна Македонија е единствена земја во регионот којашто не е ЕУ членка, а којашто ја има воведено гаранцијата за млади. Тоа е мерка што ги поврзува младите луѓе со државните институции во посредување при вработување за на крајот да стигнат до вработување во реалниот сектор. Бизнис-компаниите го препознаа интересот на Владата да подготви млади луѓе коишто ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и коишто ќе се вработуваат во бизнисот. Во 2018 година повеќе од 1.800 млади лица се вработија токму заради младинската гаранција во 2019 го продолжуваме во три региони овој концепт за во 2020 година да очекуваме и законско решение со коешто на секое младо лице ќе му се гарантира дека по завршувањето на образованието ќе добие можност да се доквалификува и да добие можност да се стекне со одредена вештина што ја немало во образовниот процес за на крајот да дојде до вработување“, рече Царовска.
Елена Мицеска, сега вработена како професорка во една скопска гимназија, го пренесе своето искуство од користењето на Гаранција за млади. Мицеска прво учествувала обука за банкарство, а потоа и била ангажирана како практикант во банка. Дритан Даути, дипломиран правник од Гостивар којшто учествувал во програмата за практиканство, сега е вработен во нотарската канцеларија каде што ја поминал праксата.
Флоранда Мухарими и Дарко Николовски, коишто преку двете граѓански организации на терен работат на активација на младите лица, велат дека нивната задача е да ги информираат невработените млади лица за Гаранција за млади, и дека понекогаш и лично ги носат во Центрите за вработување за да се пријават за работа.
На настанот учествуваа и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, претставници од граѓанските и меѓународните организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.

