Економија
Запленети 35 килограми режан тутун и 2.000 кутии цигари
																								
												
												
											Царинската управа на Република Северна Македонија и Пазарната инспекција спроведоа заедничка акција против нелегална продажба на цигари, режан тутун и други тутунски производи низ пазарите во неколку града низ државата, претходно Скопје и Битола и денеска Тетово. Предмет на акцијата беше контрола и заплена на производи кои нелегално се продаваат и коишто претставуваат акцизни добра.
Во акцијата се запленети: режан тутун 69 кутии по 500 грама или вкупно 34.5 килограми и 2156 кутии цигари односно 43.120 парчиња цигари, а против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
„Оваа акција е дел од редовните контроли, кои ги најавивме претходно. Сериозноста на проблемот и обемот на штетите што нелегалната трговија со тутун и тутунски производи го предизвикува, бара од нас континуирани напори за да го спречиме нелегалниот промет на акцизни добра. На овој начин не само што ја штитиме конкурентноста, го спречуваме неплаќањето на давачки кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на здравјето на луѓето што може да биде загрозено со употреба на непроверени производи пуштени во промет на нелегален начин. На овие производи не е познат составот, потеклото, начинот на производство и нивно чување. Во оваа акција пронајдени се производи за кои допрва ќе се испитува составот кој според првите проценки има мал процент тутун и истиот во пакувања од половина килограм кои не постојат како производ. Против сторителите, како и досега, така и понатаму ќе се преземаат најстроги санкции со цел спречување на оваа појава“, изјавија од Царина.
Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба, истите мора да бидат обележани со контролни марки. Акцизите учествуваат со околу 22% во вкупните даноци кои ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13%, од кои над 5% се од цигари и тутунски производи. Соодветно на тоа, станува збор за значаен извор на приходи во буџетот на државата. Со акциите за сузбивање на нелегалната трговија со акцизни добра, се штити и легалното производството и лиценцираните производители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
														Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
														Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
														Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

