Економија
Почна дијалогот за континуиран раст на пензиите
Во Владата се одржа првиот отворен дијалог за новата методологија, која ќе понуди одржлив и континуиран раст на пензиите во иднина. Воедно, како што соопшти владиниот прес-центар, се очекува методологијата да ја одржи постигнатата стабилност на пензискиот фонд.
Анализите ќе овозможат да се дефинираат моделот и методологијата на покачување на пензиите, а процесот ќе се одвива преку отворен дијалог и меѓусебно разбирање на сите засегнати страни, исто како што се одвиваше и процесот врзан за покачување на минималната плата.
На средбата во Владата присуствуваа претставници од Сојузот на пензионерите и Партијата на пензионерите, како и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
На средбата беше потенцирано значењето на социјалниот дијалог како форма преку која се решаваат сите клучни прашања во државата и во кој сите засегнати страни имаат право да го искажат својот став, да дадат сугестија и активно да учествуваат во носењето на одлуките.
„Ова значи придобивка за речиси 330.000 наши граѓани, пензионери. Создаваме методологија, систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Носиме решение на долг рок“, истакна Битиќи.
„Нашите пензионери имаат право на достоинствена старост, пристоен и мирен живот во своите зрели години затоа што речиси целиот свој живот придонесувале за нашата држава и сега е моментот кога ние треба да им возвратиме за целиот нивен влог“, рече министерката Тренчевска.
Таа се осврна и на досегашните политики на Владата на Северна Македонија, со кои пензионерите добиваат редовно законско усогласување на пензиите двапати во годината во согласност со растот на трошоците за живот и дополнително усогласување во случај доколку домашниот бруто-производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 %. Јануарските пензии оваа година беа зголемени 2,9 %, што е најголемо зголемување досега.
На средбата вицепремиерот Битиќи истакна дека грижата за пензионерите е еден од приоритетите на оваа Влада и затоа и во време на пандемија, покрај редовната исплата, пензиите се исплаќаат и предвремено во групи, со цел заштита од ширење на заразата од Ковид-19.
Предлозите за креирање на новата методологија за континуиран раст на пензиите ќе бидат разгледани и дискусијата за ова прашање ќе продолжи во периодот што следува со цел да дојдеме до најиздржаното решение што ќе донесе одржлив раст на пензиите на долг рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

