Економија
Започнува исплатата на субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува сточарите дека започна исплатата на субвенциите за обележани грла говеда и презимени пчелни семејства.
Исплатени се 329.512.000 денари субвенции за обележани грла говеда евидентирани во регистарот за одгледувалишта на говеда до близу 9.700 корисници. Висината на директните плаќања за говеда изнесува 2.800 денари по грло, односно 3.100 денари по грло за земјоделски стопанства со пријавен број за финансиска поддршка од минимум 10 до максимум 50 грла говеда.
Извршена е исплата и на финасиската поддршка за презимени пчелни семејства во износ од 210 милиони денари до 5877 пчелари кои поседуваат минимум 35 регистрирани презимени пчелни семејства. Висината на директните плаќања за презимени пчелни семејства изнесува 600 денари по пчелно семејство, односно 800 денари за оние земјоделски стопанства со пријавен број на пчелни семејства за финансиска поддршка од минимум 50 до максимум 100 пчелни семејства.
„Со донесениот ребаланс на буџетот за 2022 година обезбедиме 2,7 милијарди денари финансиски средства со кои оваа година комплетно ги расчистуваме заостанатите обврски кон земјоделците, а започнуваме и со аванска исплата на земјоделците. Подготвивме план и динамика за исплата кој со реализација започнува од овој месец со исплатата на субвенциите за говеда и пчели. Следуваат исплатите за овци, кози и гоеници. Согласно динамиката до крајот на годината реализирани ќе бидат сите исплати кон земјоделците. Парите се тука, обезбедени и земјоделците ќе ги добијат своите заслужени средства“, информираа од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Фискалните каси да имаат точни адресни податоци и редовно да се одржуваат во овластени сервисери

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовински плаќања дека се должни за секое работно место каде што се врши прометот да воведат и користат фискален систем на опрема, задолжително да издаваат фискална сметка за секој извршен промет и редовно да ги одржуваат и сервисираат фискалните апарати во овластен сервисен центар.
„Адресните податоци внесени во фискалниот систем треба да бидат точни и да соодветствуваат со локацијата каде што се користи фискалната каса. Даночниот обврзник кој го користи фискалниот систем во одреден деловен објект не смее да го пренесува, користи или отуѓува фискалниот апарат во друг објект без претходна пријава во Управата за јавни приходи преку овластен сервисен центар“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, корисници на фискална опрема дека секоја промена или одјава на фискалниот систем мора да биде одобрена од страна на Управата за јавни приходи.
Исто така даночните обврзници кои престануваат да го користат фискалниот систем, било поради прекин на дејност или набавка на нова опрема (нов фискален апарат), должни се стариот да го одјават преку овластен сервисен центар во Управата за јавни приходи.
УЈП апелира даночните обврзници да ги почитуваат одредбите од законот и да бидат даночно усогласени.
Економија
Објавена е табелата со цени на плинот во Европа, еве каде е Македонија

Домаќинствата во Европската Унија плаќале највисока цена на гас во втората половина од 2024 година откако Европскиот завод за статистика објавува податоци.
Просечната цена на гасот за домаќинствата во ЕУ беше за речиси 11,7 проценти повисока во втората половина од 2024 година отколку во претходните шест месеци, достигнувајќи го највисокото ниво од 2008 година, од 12,33 евра за 100 киловат-часови.
Во првата половина од минатата година, тоа беше за речиси два проценти пониско отколку во претходните шест месеци.
Домаќинствата на ниво на Унијата повторно потрошија повеќе за гас, за прв пат од крајот на 2022 година, главно поради зголемените даноци во многу земји по ублажувањето на енергетската криза, според статистичарите.
На годишна основа, цените за домаќинствата во ЕУ се зголемија за 9,6 проценти во втората половина од 2024 година, покажуваат табелите на Евростат.
Во еврозоната, гасот за домаќинствата во периодот од јули до декември бил во просек за 12,7 проценти поскап отколку во претходните шест месеци и чинел 13,18 евра за 100 киловат часови.
Најниска цена на гасот, изразена во евра, плаќале домаќинствата во Унгарија – 3,20 евра за 100 киловат часови.
Следи Хрватска – 4,56 евра за 100 киловат-часови, па Романија, каде што чинеше околу 5,4 евра за 100 киловат часови.
Највисоки цени на гасот, изразени во евра, плаќале домаќинствата во Шведска и Холандија, приближно 18,9 евра и 16,7 евра за 100 киловат часови.
Економија
Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите по укинувањето на мерките што важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Тој денес рече дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 %, што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0,3 % годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме април со декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи, имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците, и кај дистрибутерите, и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколку се утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата, односно ова што го имавме сега како мерка – може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување, ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи, кои се и за 60 денари поскапи по завршувањето на мерката, министерот Дурмиши рече дека првин треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да го извести секторот во Министерството за економија да направи анализа за тоа кои построги мерки да бидат донесени.