Економија
Започнува кампањата за информирање на граѓаните за jавниот повик од ИПАРД програмата 2021-2027 за мерката 1

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Телото за управување со ИПАРД, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството започнуваат кампања за информирање на потенцијалните корисници по однос на можностите кои ги нуди инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој – ИПАРД Програма.
Во рамки на кампањата, а по повод последниот објавен повик од ИПАРД Програмата 2021-2027 (ИПАРД 3) за мерката 1 – Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, ќе се одржат инфо-денови во повеќе градови, села и населени места, каде што заинтересираните корисници (физички, правни лица, задруги, задружни правни лица итн.) ќе можат да се информираат за постапките и условите за аплицирање со цел користење на средства од оваа програма.
На 20 февруари 2025 година, инфо денови ќе се одржат во општина Новаци, со почеток од 11:00 часот во општинската сала и во општина Могила со почеток од 14:00 часот во салата на Oпштина Могила.
Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици, сите заинтересирани може да ги добијат во Телото за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска во посета на Бирото за метрологија: Точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска го посети Бирото за метрологија, орган во состав на Министерството, со цел да се запознае со тековните активности и предизвици на оваа институција. За време на посетата, министерката Божиновска се сретна со директорот на Бирото, Седат Рушани, и вработените во лабораториите.
Една од главните теми на разговор беше одржувањето и развојот на националните еталони и сертифицираните референтни материјали, кои се од суштинско значење за обезбедување на мерната точност во различни индустрии и научни истражувања.
Министерката истакна дека Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на лабораториите и опремата на Бирото, со цел да се обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди и конкурентност на македонските производи на глобалниот пазар.
Ова Биро е задолжено за испитување на квалитетот на горивото, златото, верификација на мерила водомери, мерила на електрична и топлотна енергија, хомологација на возила и друго.
Беше дискутирано за важноста на инспекцискиот надзор над употребата на законските мерни единици и калибрацијата на мерилата, како и за потребата од континуирана едукација и обука на кадарот во Бирото. Министерката Божиновска нагласи дека точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите, и дека Министерството ќе вложи напори за зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија.
Во текот на разговорите, министерката побара детален извештај за досегашните активности на Бирото, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се соочува институцијата. Таа истакна дека е неопходно да се идентификуваат и адресираат сите потенцијални неправилности или пречки кои можат да влијаат на ефикасноста на работата на Бирото.
Министерката Божиновска ја потенцираше важноста на транспарентноста и отчетноста во работата на сите институции под надлежност на Министерството. Таа изрази очекување дека Бирото за метрологија ќе продолжи со својата посветеност кон одржување на високите стандарди во своето работење и ќе преземе соодветни мерки за надминување на сите идентификувани предизвици.
Економија
Се намалува цената на мазутот, бензините и дизелот остануваат исти

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,43 % во однос на одлуката од 17.02.2025 година.
Од 21.2.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 80,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 46,190 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,019 ден/кг и сега ќе изнесува 46,190 ден/кг
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,898%, кај дизелот за 0,788%, кај екстра лесното масло е за 0,720% и кај мазутот намалувањето е за 2,060%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,7247%.
Економија
Повисока за 521 денар: минималната синдикална кошничка за февруари изнесува 63.773 денари

Минималната синдикална кошница за февруари изнесува 63.773 денари и е 521 денари повисока отколку во јануари годинава кога беше 63.252 денара, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија.
Со изнајмен стан од 60 квадратни метри таа изнесува 79.148 денари, е истакнато во соопштението.
Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 23.427 денари или 36,7 отсто, за облека и обувки 5.800 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и за греење 6.096 денари или 9,6 отсто. За лична хигиена и за одржување на хигиената во домот треба да се одвојат 2.195 денари или 3,4 отсто, за здравје 1.135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4.844 денари или 7,6 отсто.
За комуникации на едно четиричлено семејство во февруари годинава му биле неопходни 3.417 денари или 5,4 отсто од износот на минималната кошничка, за рекреација и култура 4.592 денара или 7,2 отсто, за образование 7.036 денари или 11 отсто, за ресторани и хотели 4.131 денар или 6,5 отсто, а за други стоки и услуги 1.100 денари или 1,7 отсто.