Економија
Зголемен бројот за субвенционирано снабдување со струја од 1 јануари преку „ЕСМ продажба“

Од 1 јануари 2023 година „ЕСМ продажба“ го зголеми бројот на субјекти за субвенционирано снабдување со електрична енергија по одлуката на Владата како антикризна мерка, кое почна во декември минатата година.
За снабдување по пониска цена од 1 јануари, дополнително се вклучени 65 училишта (сега се вкупно 374), 57 фирми од прехранбената индустрија (сега се вкупно 244) и 6 водостопански претпријатија (сега се вкупно 57). Со тоа, вкупниот број на субјекти што ги снабдува „ЕСМ продажба“ по оваа владина одлука изнесува 675.
Во нив, потрошувачите од прехранбената индустрија добиваат електрична енергија по 80 евра/MWh, а училиштата и водостопанствата по 95 евра/MWh.
До 20 јануари е рокот за пријавување за снабдување од 1 февруари за субјектите кои од разни причини досега не поднеле документи или поднеле некомплетни документи за субвенционирано снабдување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,38 п.п., при што во март таа изнесува 2,18%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,35 п.п. и изнесува 5,15%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Вонреден состанок на Божиновска и Бислимовски: МЕПСО може да исклучува фотоволтаици за стабилен систем за 1 Мај

По насока на министерката за енергетика Сања Божиновска, за претстојниот празник 1 Мај повторно ќе се активираат мерките што беа применети од страна на операторот на електропреносниот систем МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за време на велигденските празници, со цел да се обезбеди стабилен и сигурен електроенергетски систем.
Одлуката е донесена на вонреден состанок на министерката Божиновска со претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауновски.
„Овие два дена во Атина, каде што се одржува Балканскиот енергетски самит, разговаравме со колегите од регионот и се координиравме околу мерките што сите земји мора да ги преземат за стабилен систем. Како веќе информиравме, со координација меѓу сите клучни енергетски чинители и по насока на ENTSO-E, МЕПСО веќе примени дел од тие мерки за велигденските празници и успеавме да го неутрализираме ризикот од блек-аут – граѓаните имаа непречено снабдување со електрична енергија. Проценките се дека ваквата состојба ќе продолжи и за престојните првомајски празници и затоа е неопходно овие мерки повторно да се активираат,“ изјави министерката Божиновска.
Оваа мерка, која за првпат беше применета за време на велигденските празници, подразбира привремено исклучување на фотоволтаични електрани со цел да се растерети електроенергетската мрежа и да се овозможи сигурно управување со системот во услови на зголемени флуктуации и оптоварување.
Мерките предвидуваат примена на корективни диспечерски интервенции, односно привремено и наизменично исклучување на дел од фотоволтаичните електрани поврзани на преносната и дистрибутивната мрежа, со што МЕПСО ќе има целосна можност да го раководи системот и да ја обезбеди неговата стабилност, велат од Министерството за енергетика.
Економија
Ристески не очекува поскапувања од четврток: Се надевам дека трговците ја научија лекцијата

Ако цените нагло почнат да скокаат од четврток, кога истекува сегашната мерка за ограничени маржи до 10 %, мерката може да продолжи, најави денес заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој смета дека со сите досегашни мерки трговците ја научиле лекцијата и нема вештачки да ги креваат инфлацијата и цените.
Првин ќе видиме какви конечни резултати даде мерката. Од она што го имавме досега од Државниот завод за статистика, резултатите беа добри, ги знаете податоците, но крајните резултати ги чекаме наредната недела.
„Ако има потреба, би продолжиле со мерката, ако нема, тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените. Се надевам дека поучени од минатото сите оние учесници во синџирот на трговијата ја научија лекцијата дека, пред сè, треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард. Ние сите заедно треба да направиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, односно да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и на цените кога нема економски услови за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата“, рече заменик-министерот Ристески.
Според досегашните податоци од Државниот завод за статистика, досегашната мерка, според Ристески, дала добри резултати, но за одлука дали таа ќе продолжи, ќе ги почекаат конечните резултати. Тие ќе бидат готови следната недела.
Во февруари годинава, Владата, за да го заузда покачувањето на цените, донесе одлука за ограничување на профитните бруто- маржи на над 1.000 прехранбени производи и средства за хигиена со важност до крајот на април.