Економија
Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард банка: Оставени сме на работ

Од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка реагираат дека со затворањето на банката тие се оставени без лични парични средства.
„Се работи за илјадници семејства кои се погодени и фирми кои во ова време на пандемија се соочија со проблеми со ликвидност и затворање. Верувавме во систем којшто не заштитува, ги доверивме нашите тешко заработени средства во финансиска институција лиценцирана, регулирана и контролирана од Народна банка“, велат тие.
Додаваат дека се соочуваат со уште една неправда.
„Еднаш покрадени од организираната кражба на нашите депозити во Еуростандард банка и сега повторно покрадени во стечајната постапка. Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство, односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени“, информираат од здружението.
Додаваат дека се, како што велат „ уникатен пример за рушење на темелните вредности на уставниот поредок на државата“.
Според нив, јавноста треба да знае дека ниту една од 2.000 фирми депоненти на банката не добила ниту денар обештетување од Фондот.
Велат дека единствена институција во државата која може и треба да ја реши ситуацијата е Уставниот суд.
„Во пресрет на седницата на Уставниот суд, што е закажана да се одржи оваа среда, на којашто како прва точка од дневниот ред e ставена иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на предметниот член од Законот за банки, Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка ‘Правда за штедачи’ сака јавно да изрази надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Устав“, информираат од здружението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Нема мито како во минатото, нема вештачки сопки, во енергетиката имаме пазарно ориентирани инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со планот на Владата за тоа како Македонија ќе стане енергетски независна држава, бидејќи често се зборува за инвестиции во енергетиката, изјави дека очекува вкупното производство на електрична енергија кај нас, да биде еднакво на потрошеното.
„Тоа не значи дека во одредени периоди нема да увезуваме – да, ќе увезуваме, но во одредени периоди ќе извезуваме. И кога сето тоа ќе се собере, одземе, тогаш ќе дојдеме до една бројка којашто ќе биде избалансирана, уште оваа година ќе биде така. Претпоставувам дека јавноста е сензибилизирана, од страна на опозицијата и се поврзува со Меморандумот за разбирање што го потпишавме со турската компанија „АКСА“ за инвестиција во вредност од една милијарда евра. Бидејќи така беше и за „Алказар“ – тврдеа дека ќе имале повластена цена, не знам ваква компанија, таква компанија. Нити видовте има повластена цена, нити има било какви бенефиции компанијата. Во рок од една година, компанијата стави камен-темелник на својата инвестиција која ќе биде половина милијарда долари. Тоа за претходната Влада беше научна фантастика. Таму, се сеќавате, се нудеа даночни олеснувања за инвеститори, загарантиран откуп на топлинска, на електрична енергија, итн“.
Како Влада нагласи премиерот, се проговара исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции.
„Ние преговараме исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции. Да, како Влада, институционалниот ризик ќе го преземеме, да олесниме. Нема како во минатото мито да се бара, нема вештачки препки да се ставаат во рамките на администрацијата за да се почасти некој. Тоа нема да се случи. Затоа работите одат брзо и ефикасно – така ќе биде и со компанијата „АКСА“. Сега, дали сите сакаме гасификација? Сите велеа, сакаме гасификација. Сакаме почист воздух. Ние рековме: ќе треба време. Не може ова преку ноќ. Ќе треба време. Еве почнуваме тоа да го правиме, да обезбедуваме инвестиција милијарда евра. Топлина ќе произведуваат, ќе се произведува електрична енергија. А сега тоа не им чини. Зошто? Затоа што Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата направи нешто што за нив беше научна фантастика во минатото. Тие шетаа наоколу и нудеа бенефиции, ама играа пола-пола. Така играа – пола за овој и затоа никој не инвестираше. Сега се ова исклучиво пазарно ориентирани инвестиции, без ниту еден цент повластувања од страна на Владата. Не треба веќе да се оди повеќе – нити во Мала Речица, нити да се оди горе на Бихаќка. Па пола таму, пола ваму. Овде си е пазарно ориентирана инвестиција. Не треба да се купуваат трговски центри. Не треба да се купуваат скапи „Мајбах“ автомобили. Не треба да се купуваат скапи дуќани во центарот на градот. Ништо не треба, само да се инвестира за доброто на граѓаните. Ете тоа е разликата меѓу овие што сега од опозиција критикуваат, а седум години единственото нешто што го правеа беше криминал и барање мито – и оваа Влада, која гради. Тоа е разликата“, кажа Мицкоски.
Економија
Владата ќе откупи 9.000 тони пченица и 2.400 тони ориз и оризова арпа

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешниот настан по повод свечено пуштање во употреба на базен од затворен тип кој се наоѓа во состав на ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ во Општина Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање во врска со стоковите резерви, изјави дека на владина седница е донесена одлука да бидат откупени околу 9.000 тони пченица и околу 2.400 тони ориз и оризова арпа од реколтата 2024.
„Во првиот случај кај пченицата можеби ќе го погрешам бројките, но има право секој индивидуален производител да конкурира со количина од 5 до 30 тона, а кај оризот и оризовата арпа 3 до 20 или 30 тона така нешто беше се сеќавам. Ова за првпат се прави посебно за оризот и мислам дека во многу нешта ќе ги олесни предизвиците на оризопроизводителите, но и оние коишто одгледуваат пченица, така што, ова за првпат како Влада го направивме со измени во законот, стана стратешка култура оризот и на тој начин сега и стоковите резерви ќе имаат ориз.“
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,32 % во однос на одлуката од 21.7.2025 година.
Од 29.7.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,412 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,746 ден/кг и сега ќе изнесува 39,412 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,449%, кај дизелот за 1,961%, кај екстра лесното масло за 1,301% и кај мазутот намалувањето е за 2,017%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,489%.