Економија
Игор Лештар: Со „Синами“ се стремиме да бидеме компанија двигател на дигиталното живеење
„Синами“ по аквизицијата на „Сеавус“ се издвојува како нов, самостоен бренд, меѓутоа луѓето кои ја сочинуваат оваа компанија се истите ИТ-професионалци во индустријата со 20-годишно искуство зад себе, вели Игор Лештар, претприемач и сопственик на новата софтверска компанија „Синами“ во интервју за „Фактор“.
Поводот за интервјуто е токму основањето на „Синами“, која до неодамна беше дел од групацијата на „Сеавус“, меѓутоа по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката групација „Арикома“, започнува самостојно на пазарот. По две децении успешна работа за меѓународни водечки компании, Лештар вели дека „Синами“ е веќе одлично позиционирана глобално и ребрендирањето, всушност, не значи ништо за нивните клиенти бидејќи тие не ја препознаваат компанијата по новото име, туку по продуктите кои ги користат речиси 20 години, а сега се заинтересирани да ја продлабочуваат соработката и заедно да развиваат нови производи и да градат уште поуспешни приказни. Она што сега е веројатно ново е дека по ребрендирањето, „Синами“ се стреми да биде компанија двигател на дигиталното живеење, истакнува Лештар.
Инаку, „Синами“ е приказна која започнува во рамките на „Сеавус“ во 2003 година, кога добиваат барање од клиент да решат одреден проблем за поефикасно менаџирање на нивните работни процеси. Тогаш, раскажува Лештар, го развиле продуктот Seavus Project Viewer исклучиво за овој клиент, кој откупил 4.000 лиценци, што всушност било и првата зделка на „Синами“. Seavus Project Viewer, инаку, е напредно софтверско решение за проектен менаџмент, кој денес е „бестселер“ со преку 4 милиони инсталации на околу 4.000 клиенти од 172 земји ширум светот.
Лештар самиот вели дека токму продажбата на првите 4.000 лиценци од Seavus Project Viewer го поттикнала да направи тим за продуктот да се пласира преку интернет низ целиот свет, како независно бизнис-решение. Оваа одлука и го трасирала патот за понатамошен развој на „Синами“, па оттука почнале да развиваат и нови производи за проектен менаџмент кои денес ги користат 70% од најуспешните Fortune 500 компании. „Тоа се апликации кои им помагаат на големите проектни организации да работат пооптимално и да ја подобрат нивната организациска ефикасност, притоа овозможувајќи им заштеда на трошоци и време и зајакнувајќи ја тимската работа. Ние опслужуваме исклучително големи клиенти со просечна големина од 40.000 вработени. Овде зборуваме за портфолио клиенти како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од многу различни индустрии“, вели Лештар во интервјуто.
На локалниот пазар, од друга страна, компаниите се прилично мали и во голема мера воопшто и немаат потреба од вакви бизнис-решенија, па тој потенцира дека развојот и продажбата на „Синами“ не се ограничува територијално, туку тие развиваат производи за компании или индустрии на коишто им се потребни решенија, независно од која земја доаѓаат. Доколку се отвори можност за соработка и со македонска компанија, секако дека
можноста не е исклучена, меѓутоа сега, особено во ова време на Ковид, најголемиот фокус на „Синами“ е да продолжат да им помагаат на големите компании да го оптимизираат своето работење.
Со оглед на тоа дека живееме во време на пандемија, која сакале или не, наметнува потреба за што побрза дигитална трансформација на бизнис-процесите, сега „Синами“ почнува да работи и на развивање софтвери во сферата на интерната комуникација на компаниите, со цел уште повеќе да ја оптимизираат нивата работа, како што вели Лештар, бидејќи брзата дигитализација наметна и уште побрза комуникација.
Всушност големото искуство во развој на производи за проектен менаџмент, знаењето што го имаат стекнато работејќи на некои од најголемите водечки компании, како и човечките ресурси со кои располагаат се најголемата предност на компанијата и основата на бизнисот. „Токму ова ни овозможува да ги предвидиме трендовите и потребите на пазарот, како и да осмислуваме, тестираме и лансираме продукти кои ќе одговорат на предизвиците што ги носи новото време. Моето лично искуство во менаџмент и развој на компании исто така го вбројувам како предност, како и високите корпоративни стандарди кои ги поставив уште од времето на раководоење на ‘Сеавус’. На кратко, имаме искусен тим, многу стекнато знаење и стабилна база на клиенти, но нова енергија и визија. Оваа комбинација верувам дека ќе даде одличен резултат“, вели Лештар.
Во интервјуто за „Фактор“ тој зборува и за предизвиците со кои се соочуваат како ИТ-индустрија, земајќи предвид дека локалниот ИТ-пазар се соочува со дефицит на квалификуван ИТ-кадар, а, пак, ИТ-индустријата е најбрзорастечка по сите параметри. Тој објаснува дека ситуацијата е слична на сите пазари и не очекува промена на состојбата во брзо време, бидејќи динамиката на самото живеење и сè поголемата потреба од дигитална трансформација и автоматизација на бизнис-процесите ќе продолжат да бидат актуелни, што, пак, ќе продолжи да создава и силно конкурентски услови на ИТ-пазарот. Токму затоа, вели Лештар, ќе биде неопходно што поагилно работење, следење на сите трендови што ги носи дигиталната ера и што побрзо адаптирање на новите услови, со цел подготвени да ги дочекаат сите промени кои може и натаму да се наметнуваат.
На крајот тој се осврнува и на краткорочните планови за раст и развој на компанијата и вели дека само до крајот на оваа година очекува раст од над 50% по бројот на вработени, а согледувајќи ги перспективите за раст, со оваа динамика ќе продолжат и следната година. „Континуирано работиме на анализа на пазарот и очигледна е констатацијата дека потенцијалот во ИТ-секторот, а особено во сегментот во којшто ние работиме, е огромен. Сèова секојдневно ни отвора нови можности и тоа ние сме подготвени го искористиме“, заклучува Лештар за „Фактор“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

