Економија
„ Имотно-правните пречки ги кочат енергетските проекти“: Министерството за енергетика бара итни решенија
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, иницираше состанок со сите релевантни институции за надминување на административните пречки што го кочат спроведувањето на значајни енергетски проекти. На состанокот присуствуваа претставници од АД МЕПСО, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за имотно-правни работи и Министерството за транспорт и врски.
Главниот предизвик што го попречува развојот на овие проекти е долгото чекање на решенија за имотно-правни прашања и сложените процедури за упис на државниот имот во Катастарот. Оваа состојба директно го забавува напредокот на повеќе капитални инвестиции, меѓу кои и проектот Милетково, неопходен за стабилноста на електроенергетскиот систем во тој регион.
„Проектите од ваков обем не смеат да стојат во место поради долги и неефикасни административни процеси. Ова не е само техничко прашање – ова е прашање на енергетска сигурност и економски развој. Одговорноста на институциите е да обезбедат навремена и координирана работа, за државните инфраструктурни проекти да не чекаат непотребно“, нагласи министерката Божиновска.
На состанокот беше договорено засилено меѓуинституционално координирање и утврдување на јасни процедури за забрзување на процесите.
„Министерството за енергетика, во соработка со надлежните институции, ќе работи на конкретни решенија за да се спречат идни застои и да се обезбеди навремена реализација на сите стратешки енергетски проекти“, рекоа оттаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

