Економија
Инструментот за зелено финансирање избран меѓу десет најдобри финансиски инструменти во светот
Меѓу голем број проекти од над 100 земји во светот, заедничката програма за воспоставување Инструмент за зелено финансирање (GFF) од Северна Македонија е избрана како една од десетте најдобри програми според глобалниот заеднички фонд за Целите за одржлив развој (ЦОР). Изборот е врз основа на нејзиниот потенцијал за постигнување значајни одржливи резултати, мобилизација на значително кофинансирање од повеќе извори и ниво на подготвеност за реализација, соопштија владините прес-служби.
Со финансиска поддршка од заедничкиот фонд за ЦОР оваа програма ќе создаде нов финансиски инструмент што ќе обезбеди пристап до поевтино финансирање за малите и средните претпријатија, како и за физички лица и домаќинства (вклучително и кредитоспособни лица од недоволно опфатени социјални групи) за инвестиции во обновливи извори на енергија и во решенија за енергетска ефикасност. Со овие инвестиции ИЗФ директно ќе придонесе за намалување на стакленичките гасови, загадувањето на воздухот и за зајакнување на локалните екосистеми за зелени фондови за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Со обезбедените 7,9 милион долари од заедничкиот фонд за ЦОР се почнува воспоставувањето на програмата со вкупна вредност од 46,5 милиони долари вклучувајќи го и очекуваното кофинансирање од повеќе партнери (кое е во фаза на финално одобрување). За да ѝ помогнат на земјата во борбата против загадувањето на воздухот и климатските промени, покрај три организации на Обединетите нации (ОН) – (Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација за миграции – ИОМ и Економската комисија за Европа на ОН) и Владата (претставена од вицепремиерот за економски прашања, како и Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за економија), во програмата ќе се вклучи и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и повеќето приватни банки во земјата.
Зелената транзицијата преку зголемено производство на енергија од обновливи извори (особено соларна енергија) и воведување енергетска ефикасност во згради и домови е една од клучните стратешки цели на Владата.
„Инструментот за зелено финансирање (GFF) е иднината на финансискиот и економскиот развој во насока на обезбедување зелена транзиција од скромна кон модерна, ефикасна и конкурентна економија. Нашата Влада веќе има преземено чекори кон отворање нови алтернативи за економијата, каде што и граѓаните и бизнисите ќе имаат можности да обезбедат зелен и одржлив начин на живеење и водење бизнис“, вели заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„Многу сме среќни што Обединетите нации и заедничкиот фонд за ЦОР преку обезбедениот грант дополнително ќе ја зајакнат инфраструктурата што ја создадовме на пазарот за брз развој на такви атрактивни производи. Ова ќе биде прва соработка меѓу ЕБОР и системот на Обединетите нации и голема е честа за нас што Северна Македонија ќе биде пилот-земја за оваа соработка. Убедени сме дека овој проект ќе биде успешен и дека ќе води до зголемена соработка со ОН и заедничкиот фонд за ЦОР“, додаде тој.
Новиот Инструмент за зелено финансирање се очекува да се воспостави во текот на летото, а ќе биде целосно оперативен до крајот на годината.
Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој е повеќе партнерски заеднички фонд основан од Генералното собрание на Обединетите нации. Фондот поддржува земји членки на ОН преку намалување на ризиците за инвестиции што водат кон решенија за финансирање на активности што ќе водат до забрзување на прогресот кон Целите за одржлив развој. Цел на овој фонд е да распредели една милијарда долари во грантови на годишно ниво кон Агендата 2030. Сите програми што ќе бидат финансирани делат еден клучен елемент – нивната можност да привлечат финансирање од други партнери кон мултимилионските грантови од заедничкиот фонд, насочени кон одржливиот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

