Економија
Италијанската групација „Витило“ најави нова инвестиција од 10 милиони евра
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ, се сретна со раководството на италијанската индустриска групација „Витило“, сопственикот и управител, Антонио Витило, и so Чиријако Ло Конте, директор на „Витек Македонија“.
На средбата е објавено дека странскиот инвеститор, кој е присутен во нашата држава од 2011 година, одлучил да инвестира нови 10 милиони евра во земјата во рамките на третата фаза од планираната инвестиција, што е речиси стопроцентно зголемување на досегашните инвестиции од над 11 милиони евра, реализирани во првата и втората фаза.
На состанокот е изразено задоволство од страна на инвеститорите за нивната работа во нашата држава и е информирано дека веќе постојат побарувања на пазарот за нивните производи и дејност.
Претставниците на италијанска групација „Витило“, позната во автомобилската индустрија, како што беше соопштено, ќе инвестираат во градење и во нови машини за потребите на автомобилската индустрија и на други индустрии, а производството од нашата земја е наменето за цела Европа, земјите на Заливот и САД. Притоа е планирано зголемување на работните места за една третина од постојниот број вработени, кои, според соопштените информации, земаат натпросечна плата во државава и на кои минатата година во време на пандемија им биле зголемени платите 16 проценти.
Заев ја поздрави новата инвестиција, за којашто изрази очекување за скорешно, официјално потпишување на договорот за инвестицијата.
„Ние сме цврсто фокусирани кон отворањето нови работни места, раст на економијата. Се покажавме како пријателска држава во регионот, која генерира политики на пријателство и веруваме дека тоа влијае на интересот за инвестирање овде. Нè радува вашата одлука за новата инвестиција и во Република Северна Македонија и вие гледајте голем пријател и можности за соработка на принципиелно ниво“, рече премиерот Заев.
На состанокот директорот Деспотовски презентира детали за новата инвестиција, како и за разговорите за поддршката од државата за нејзина реализација. Како што беше истакнато, оваа инвестиција е дел од новиот пристап во работењето на Дирекцијата за ТИРЗ со анализа, но и значително покуси рокови за подготовка и склучување договори. Премиерот Заев и претставниците на италијанската компанија се согласија дека ваквиот пристап ќе значи и нов квалитет, поголема сигурност, а со тоа и повеќе странски инвестиции во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.
Економија
Новата Ford Puma Gen-E финалист на европскиот натпревар AUTOBEST 2026!
Ford Puma Gen-E е избрана за финалист на престижниот избор AUTOBEST 2026 – признание што ја потврдува визијата на Ford за иновативна, ефикасна и достапна мобилност.
Како нова електрифицирана генерација на омилениот кросовер, Puma Gen-E комбинира динамичен дизајн, напредни технологии и практичност создадена за секојдневието. Со фокус на одржливост и паметни решенија, моделот нуди возбудливо искуство во градот и надвор од него, без компромис во удобноста и перформансите.
Ова признание од AUTOBEST е уште една потврда дека Ford Puma Gen-E поставува нови стандарди во својата класа.
👉 Вашиот глас е важен!
Поддржете ја Ford Puma Gen-E и гласајте во изборот AUTOBEST 2026 на https://autobest.org/.
AUTOBEST е еден од најрелевантните и највлијателни европски автомобилски избори, основан со цел да ги претставува интересите на реалните возачи низ целиот континент. Жирито на AUTOBEST го сочинуваат реномирани автомобилски новинари од повеќе од 30 европски земји, кои заедно претставуваат над 90% од европскиот автомобилски пазар.
Финалистите и победниците на AUTOBEST се сметаат за репер во европската автомобилска индустрија, а самото учество во финалната селекција претставува значајно признание за квалитетот и визијата на еден модел.
(ПР)
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

