Економија
Како максимално да ги искористите светлата на вашиот автомобил во зима
Часовниците се поместија за еден час наназад, а многу луѓе ќе патуваат од работа до дома во темница. И покрај тоа што има помал патен сообраќај во текот на ноќта, ова е период кога се случуваат 30% од сите несреќи во Европа. Во ситуации на слаба видливост, важно е да знаете како да ги користите светлата на вашето возило. Маите Париз, кој е задолжен за развој на светлата и фаровите во SEAT, објаснува како светлата на вашето возило да ги користите ефективно.

„Нема причина да не се вклучуваат долгите светла, тие се дозволени само на меѓуградски патишта со мала видливост, но многу возачи не ги користат поради страв од преголема светлина во сообраќајот. Меѓуградските патишта се местата каде што помошта од долги светла се од корист“, објаснува Маите.
Системот за светла на SEAT автоматски детектира присуството на возила во двете насоки и автоматски ги префрла светлата од долги, кон соборени, обезбедувајќи дополнителна удобност и безбедност, се наведува во соопштението.

Луѓето во градот Рјукан, Норвешка, живеат 6 месеци во темнина бидејќи не добиваат сончева светлина од септември до март и на места како Рујкан, соборени светла се задолжителни 24 часа на ден, велат од компанијата. Од друга страна, во земји како што е Шпанија, соборени светла се користат само во текот на ноќта или во текот на денот кога има слаба видливост, на пример во тунел или под силен дожд.

„Кај нас, во Македонија, задолжителни соборени светла се користат во периодот од месец ноември до март, кога времето и видливоста се намалени. Во овие ситуации, опцијата аuto го прави возењето поудобно бидејќи автоматски ги активираат соборените светла“, уверува овој инженер.
„Со додавањето на LED-светлата, не само што штедиме на потрошувачката туку и ја подобруваме безбедноста“, вели Маите. Овој вид осветлување е повеќе сличен на дневна светлина од халогенска светилка. LED-светилките, исто така, реагираат 150 милисекунди побрзо од светилката со халоген, што значи дека LED-диодата на сопирачката се активира 5 метри порано, при возење со брзина од 120 км/ч. Освен тоа, тие се дизајнирани да траат низ целиот животен век на возилото и да не се менуваат.
Една честа грешка што ја прави возачот е да ги вклучи задните светла за магла преку ден кога врне малку. Овој експерт посочува дека светлата за магла треба да бидат вклучени само во ситуации кога има мала видливост, како што е обилниот дожд или густата магла, што е и обврзувачко со нашите закони. Неправилна употреба може да ги заслепи и да им пречи на останатите возачи во сообраќајот. Ако вашиот автомобил е опремен со предни светла за магла, најсоодветно е да ги користите во случаи на слаба видливост, како што е тежок или многу пороен дожд, магла, снег или прав и чад облаци, како и на тесни ликвидни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.
Економија
Време е за нов лаптоп, а не знаеш од каде да ја почнеш потрагата?
Пронаоѓањето на идеалниот лаптоп честопати знае да биде исцрпувачки процес. Помеѓу перформансите, дизајнот и цената, купувачите често поминуваат недели во истражување, чекајќи го вистинскиот момент за својата следна инвестиција.
За сите оние кои веќе некое време разгледуваат, но сè уште ја немаат донесено финалната одлука, Анхоч ја започнува својата најнова кампања која ги отстранува сите дилеми.
Под слоганот „Вистински избор. Во вистинско време“, компанијата нуди услови кои ја прават технологијата подостапна од кога било досега.
Технологија без финансиски бариери
Главниот фокус на оваа акција е олеснувањето на начинот на плаќање. Свесни дека квалитетниот лаптоп е неопходна алатка за работа, учење или креативност, од Анхоч овозможуваат купување до 24 рати со 0% камата. Ова значи дека корисниците можат да го добијат најдобриот уред веднаш, а да го плаќаат на рати кои не го оптоваруваат месечниот буџет, без дополнителни скриени трошоци.
Подарок за секоја нова приказна
Покрај одличните финансиски услови, секој купувач на лаптоп во овој период добива и подарок – квалитетен ранец. Со овој гест, Анхоч сака да ја заокружи корисничката вредност, обезбедувајќи сигурност и мобилност за новиот уред од првиот ден.
Избор кој не познава компромиси
Со понуда од над 200 модели, кампањата ги опфаќа сите сегменти:
· Бизнис корисници кои бараат издржливост и професионалност.
· Студенти и ученици на кои им е потребен лесен и функционален уред.
· Гејмери и креативци кои не прават компромис со перформансите.
Акцијата е веќе активна во сите продажни салони на Анхоч низ Македонија, како и на нивната онлајн продавница, и ќе трае до 02.03.2026 година.
ПР
Економија
„Гласот ми откажа“: Кандидати раскажуваат за исцрпувачкиот финален круг за работа во „Амазон“
Вработен во „Амазон“ откри како изгледа нивниот озлогласен завршен круг разговори за работа, последната и најинтензивна фаза од селекцискиот процес во компанијата. Станува збор за вистински маратон – четири до шест последователни интервјуа, од кои секое трае меѓу 45 и 60 минути, а сите се одржуваат во ист ден, пренесува Унилад.
Официјален опис на процесот
На официјалните страници за вработување, „Амазон“ наведува дека кандидатите разговараат со повеќе вработени, при што секој од нив проценува различни вештини и искуства за да се добие целосна слика за тоа како кандидатот би се вклопил во тимот и работната средина.
Сите кандидати се оценуваат според таканаречените „Принципи на лидерство“, интерен сет на вредности и правила, а интервјуерите бараат конкретни примери за тоа како кандидатите ги применувале во досегашната работа.
Компанијата користи прашања засновани на реални ситуации од пракса, со цел да добие конкретни примери од претходното искуство и да разбере како кандидатот пристапува кон предизвици, донесување одлуки и соработка. Пример за такво прашање е:
„Опишете ситуација во која сте презеле ризик, сте направиле грешка или сте доживеале неуспех. Што се случи и што научивте од тоа?“
Искуство од прва рака
Еден вработен во „Амазон“ од Австралија, кој работи во малопродажниот тим, го споделил своето искуство на „Редит“, потврдувајќи дека процесот е исклучително тежок. Тој го опишал како „многу интензивен“ и објаснил дека системот е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед.
„Прво следи 20-минутен телефонски разговор со одделот за човечки ресурси. Потоа доаѓа едночасовен видеоповик со менаџерот кој вработува. По тоа следи завршниот круг – пет едночасовни разговори, еден на еден, со пет различни лица“, појаснил тој.
„Од тие пет лица во завршниот круг, едно е таканаречен ‘bar raiser’, лице задолжено за одржување на високи стандарди; од него се очекува да биде построго кон кандидатот и подетално да го испрашува. По завршниот круг, интервјуерите даваат препорака ‘вработи’ или ‘секако вработи’, односно ‘не вработувај’ или ‘никако не вработувај’. Потоа се состануваат и дискутираат. Мислењето на менаџерот што вработува и на ‘bar raiser’-от има најголема тежина. Кандидатот мора да добие препорака за вработување од сите пет интервјуери“, додал тој.
Исцрпувачко и монотоно
Друг корисник на „Редит“ го опишал процесот како целосно исцрпувачки.
„Никогаш не сум учествувал во толку интензивен, монотон и здодевен процес на вработување“, напишал тој.
„Во еден момент гласот почна да ме издава, бидејќи од мене се очекуваше да зборувам 30 до 45 минути. Повеќето интервјуери ми оставија само десет минути на крајот за мои прашања, а имав многу повеќе што сакав да прашам отколку што времето дозволуваше“, се пожалил.
Слично искуство споделила и вработената Емили Мареј на веб-страницата на „Амазон“.
„Иако и претходно сум одела на интервјуа за работа, ниту едно не било толку ригорозно, долго или темелно како тоа во Амазон. Процесот се состоеше од телефонски разговори со регрутер и менаџерот што вработува, по што следеше петчасовен завршен круг интервјуа со неколку интервјуери од различни делови на компанијата“, навела таа.
Мареј им советува на кандидатите однапред да подготват конкретни примери од своето искуство, да поставуваат прашања, да ги прилагодат одговорите на описот на работното место и своите успеси да ги поткрепат со бројки и податоци.

