Економија
Кина е единствената економија во светот што ќе забележи раст
Додека огромното мнозинство земји во светот бележи економски пад, кинескиот БДП се зголеми за 4,9 проценти од јули до септември годинава во споредба со истиот период минатата година, објави Бирото за статистика. Според ММФ, кинеската економија ќе биде единствената во групата големи економии што ќе забележи позитивна стапка на раст од 1,9 проценти.
На квартално ниво, БДП се зголеми за 2,7 проценти во периодот од јуни до септември. Тоа беше за 11,5 проценти повисоко во вториот квартал во споредба со почетокот на годината обележано со избувнување на епидемијата.
Во периодот од јануари до септември, активностите беа за 0,7 проценти повисоки отколку во истиот период минатата година, пренесува „Индекс“.
Закрепнувањето на втората светска економија од коронавирусот започнало во рана пролет, а новите податоци откриваат дека тоа се проширило и кон потрошувачката на почетокот на есента. Така, продажбата на мало се зголемила за 3,3 проценти на годишно ниво во септември. Во август пораснало за скромни 0,5 проценти.
Инвестициите на компаниите исто така покажуваат забележителни знаци на закрепнување. Така, инвестициите во основен капитал во првите девет месеци беа повисоки за 0,8 проценти отколку во истиот период во 2019 година. Во првите осум месеци, тие беа пониски за 0,3 проценти.
Владата воведе бројни мерки за зајакнување на растот и поддршка на вработувањето, вклучително и зголемена државна потрошувачка и даночни олеснувања. Централната банка ги намали основните каматни стапки и ги олесни прописите за банкарските резерви.
Оваа година кинеската економија ќе биде единствената во групата големи економии што бележи позитивна стапка на раст – 1,9 проценти, проценува ММФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay за своите корисници
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay, со што корисниците на банката можат да ги користат своите дебитни и кредитни Mastercard картички преку уредите на Apple. Плаќањето може да се изведе со iPhone, Apple Watch, iPad или Mac, без носење физичка картичка и без внесување податоци при секоја трансакција.
Apple Pay функционира како дигитален паричник во кој се додава картичката од Халкбанк. При плаќање, уредот се доближува до POS терминал, а потврдата се изведува со Face ID, Touch ID или лозинка. На овој начин, податоците од картичката не се изложуваат во процесот, што ја прави употребата дополнително безбедна.
Услугата може да се користи и за онлајн купување. Корисниците ја избираат опцијата „Pay with Apple Pay“, со што го избегнуваат рачното внесување информации од картичката. Apple Pay е достапен и на банкомати кои поддржуваат бесконтактно подигнување готовина.
Активацијата се прави во апликацијата Apple Wallet, со скенирање или внесување на податоците од картичката, а може да се започне и преку мобилното банкарство на Халкбанк. Користењето на Apple Pay е бесплатно, лимитите на картичката остануваат исти, а сите трансакции се прикажуваат во Apple Wallet, како и во дигиталните канали на банката.
Во случај уредот да биде изгубен, податоците остануваат заштитени. Корисникот преку iCloud може да го заклучи или избрише уредот, со што се оневозможува користење на дигитализираните картички. Доколку при додавање на картичката се појави потреба од дополнителна проверка, тоа може да се реши преку мобилното или електронското банкарство или преку контакт центарот Хелп24.
Со ова Халкбанк ја продолжува својата пракса на навремено усвојување решенија што се веќе дел од современите финансиски стандарди. Банката останува насочена кон развој на дигитални можности кои го олеснуваат секојдневието и создаваат поконкурентно и поусогласено банкарско искуство, во чекор со глобалните трендови и потребите на корисниците.
(ПР)
Економија
Рударските комплекси „Бучим“ и „Боров Дол“ и официјално се присоединија
Од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш информираат дека заврши административната постапка за присоединување на рударско-геолошкиот комплекс „Боров Дол“ кон „Бучим“, со што двата рударски комплекса и официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект.
Со ова, како што велат, се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост.
Присоединувањето е оценето како стратешки чекор, што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG-принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс.
Од компанијата нагласуваат дека присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со доставувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.
Во изминатите денови беше спроведена стандардната административна постапка за техничкиот пренос на сите вработени во рамките на единственото правно лице. Од „Бучим“ истакнуваат дека преносот беше изведен континуирано, без какви било промени во работните места, правата или обврските на вработените. Статусот и сите бенефиции на вработените останаа непроменети. Техничкиот пренос не влијаеше врз работните процеси, ниту врз редовното извршување на обврските.
„Присоединувањето на ‘Боров Дол’ кон ‘Бучим’ ни овозможува да работиме како единствен систем во рамките на нашата групација, со зајакнати операции и повисок степен на координација. Ова претставува значаен чекор кон модернизација, континуирано подобрување и понатамошно унапредување на одржливото рударство во регионот“, изјави Ивица Карапетров, заменик-генерален директор на „Бучим“.
Со новата интегрирана структура рудникот „Бучим“ продолжува да гради стабилна, модерна и конкурентна компанија, подготвена за долгорочни предизвици и инвестициски планови.
Економија
Министерството за финасии: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5 отсто, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.

