Економија
Започна со производство најголемата соларна електрана на ГЕН-И во Македонија
Новата соларна електрана е чекор напред кон енергетска независност, развој на зелената економија и подобар животен стандард, изјави премиерот Димитар Ковачевски по повод отпочнувањето со работа на 17 мегаватна соларна електрана – кумулативно најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе, Амзабегово.
Електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со 17 мегавати номинална инсталирана моќност и предвидено производство од 25.000 MWh зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 македонски домаќинства.

„Оваа фотоволтаична централа со големина од 17 МВ капацитет е најголемата фотоволтаична централа во државата. Директорот на ГЕН-И не кажа уште една работа, оваа централа е поголема од сите централи кои што се направени во Словенија. Ако ја однесете поединечно во Словенија, тогаш оваа централа ќе биде поголема. Тоа е затоа што Македонија е земја на сонцето. Тоа го препознава ГЕН-И сонце, тоа го знае и оваа Влада. Ова е начинот на кој треба да се инвестира во обновливи извори на енергија. Тоа значи работа за наши инженери, работа за наши техничари, работа за сите оние кои ќе ја користат таа електрична енергија“, рече Ковачевски.
Премиерот му се заблагодари на менаџментот на ГЕН-И затоа што ја избрал Северна Македонија за нивната инвестиција. Рече дека Северна Македонија е угледна и почитувана земја кога станува збор за странски директни инвестиции.
Групацијата ГЕН-И е присутна на повеќе од дваесет европски енергетски пазари на големо, има водечки пазарен удел на словенечкиот пазар за снабдување и напредни услуги што ја поддржуваат дигиталната зелена трансформација на енергетскиот систем и општеството.
![]()
„Важноста на инвестициите во зелена енергија и намалувањето на зависноста од фосилните горива во денешно време се поочигледни од кога било. Мило ми е што ГЕН-И е во првите редови во овој сегмент, не само во Словенија туку и на меѓународно ниво. Северна Македонија секогаш беше важен пазар за нас и со оваа инвестиција се поврзуваме уште повеќе. Исто така, ова е значајна пресвртница за компанијата, покажувајќи ја нашата волја да ја водиме зелената трансформација и способностите за реализација на проекти за обновливи извори на енергија од големи размери. Благодарни сме на сите вклучени страни кои помогнаа овој проект да биде успешен”, изјави Игор Копривникар, претседател на управниот одбор на Групација ГЕН-И.
Министерот Бектеши кажа дека инвестицијата на ГЕН И е вистински пример дека политиките и мерките за енергетска трансформација и зголемување на производство на зелена енергија коишто почнавме да ги спроведуваме пред само три години почнаа да ги даваат своите резултати.
![]()
„Денеска сме сведок за почеток на работа на уште еден енергетски капацитет којшто ќе го зголеми домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Наш приоритет посебно сега во време на енергетска криза е обезбедувањето на сигурно снабдување со енергија, економски раст и придвижување кон зелена економија“, кажа Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

