Економија
Ковачевски: Обезбедуваме ликвидност на компаниите, ги враќаме парите кај граѓаните и во услови на криза
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска го посети производствениот погон на фабриката за полиетиленски и полипропиленски цевки и црева, „Конти хидропласт“ во општина Гевгелија.
За време на посетата, премиерот Ковачевски разговараше со менаџерскиот тим и со вработените во компанијата во врска со успешните владини антикризни мерки за стопанството и можностите за нивно искористување.
„Огромни се честа и задоволството што денеска овде во Гевгелија имав можност да ја посетам една од најреномираните фабрики за производство на полиетиленски и полипропиленски цевки и црева не само во земјата туку и пошироко. Компанијата ‘Конти хидропласт’ во својата речиси 50-годишна традиција на постоење, од примарно мало производство, до денеска се развила во модерна фабрика лидер, извозно ориентирана, со 95 % производство што завршува на странските пазари. Како што бев информиран од страна на менаџерскиот тим на оваа компанија, нивната главна мисија е да ги следат и да ги имплементираат најновите производствени технологии и стандарди со кои ја збогатуваат понудата на квалитетни производи, но и креираат општествено одговорни политики во делот на заштитата на животната средина и заштитата на здравјето на вработените“, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека „фабриката ‘Конти хидропласт’ во 2019 година доби помош од државата за инвестиции, во висина над 313 милиони денари, а реализирале двојно повеќе за три години, односно инвестирале 529 милиони денари. Оваа инвестиција е со петгодишен договор и се реализира според Законот за финансиската поддршка за компаниите. На овој начин градиме систем што ги поттикнува успешните компании, кои придонесуваат во сопствениот развој, вработуваа кадри и вложуваат во човечкиот капитал поттикнувајќи го истовремено и развојот на државата“.
„Свесен сум дека економската и енергетската криза направија невидени потреси на европскиот континент, но со навремени одлуки и донесени таргетирани антикризни мерки засега успешно ја менаџираме оваа кризна состојба. Како што ветив, така и донесовме политики во интерес и на граѓаните и на компаниите. Како Влада ги поддржуваме малите и средните претпријатија, а со директна државна финансиска помош и со низата мерки тоа го правиме и за граѓаните. Дури и во услови на историски најголемата криза обезбедуваме добро платени работни места, создадовме услови за нови инвестиции, ги враќаме парите кај граѓаните и обезбедуваме ликвидност на компаниите кога е најмногу потребно, но и електрична енергија по поевтина цена за производителите на основните прехранбени производи“, рече тој.
Ковачевски напомена дека „поевтина струја е обезбедена и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадните води. Тие ќе плаќаат цена од 95 евра за мегават-час. Во целата држава основните и средните јавни училишта ќе добијат поевтина електрична енергија – 95 евра за мегават-час“.
„Истовремено, со 80 проценти ја субвенционираме струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи, а во буџетот континуирано обезбедуваме и средства за зголемувањето на минималната и просечната плата и пензиите, како и за грижа за најранливите категории граѓани“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
Економија
Одлуката за осигурување автомобили е еднострана и штетна за бизнис-секторот и економијата во државата, реагира Комората на северозападна Македонија
Стопанската комора на северозападна Македонија ја квалификува одлуката на Комисијата за осигурување автоодговорност како неодржлива за благосостојбата на бизнисот и стопанството.
„Многу бизниси мора да се потпрат на употребата на возила за извршување на своите активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоките цени на полисата за осигурување автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се клучни двигатели на економскиот раст“, се истакнува во реакцијата на Комората.
Деловното опкружување, како што оценуваат, станува обесхрабрувачки за домашните компании, но и за странските инвестиции, оставајќи долгорочни последици, но и спротивно на законодавниот систем на ЕУ, кој сè уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување автомобили, што е спротивно на acquis на ЕУ.
„Со оваа одлука на Комисијата за самоодговорност се ограничуваат одговорностите на другите релевантни фактори, како што се компаниите, со кои цените на самоодговорноста се целосно контролирани од државата“, потенцираат од Стопанската комора на северозападна Македонија.