Економија
Ковачевски: Приоритетите ни се транзиција кон зелена енергија и стабилно и трајно снабдување со енергенти
Премиерот Димитар Ковачевски на форумот „100 дена Влада“ во сесијата прашања и одговори се осврна на еден од приоритетите во изминатиот период, односно на, како што рече, инвестициите во нови капацитети за производство на електрична енергија од чиста зелена енергија.
„Ова е прашање што ја преокупира не само нашата Влада туку е клучна тема и на ниво на ЕУ и на земјите што претендираат да станат членки на ЕУ. Оваа криза, која почна како енергетска минатата година, која продолжи како уште повеќе засилена енергетска криза поради воената инвазија на Русија врз Украина, покрај тоа што ги зголеми цените на електричната енергија и ги исправи државите пред предизвикот да мора да спроведат мерки што нема да дозволат ценовен шок за граѓаните, предизвика уште една многу важна тема, а тоа се енергетска транзиција и диверзификација на изворите на снабдување со енергенти“, истакна премеирот.
Ковачевски нагласи дека на овој план државата ја спроведува стратегијата за транзиција на енергетскиот сектор, која во основа значи транзиција кон обновливи извори на енергија.
„За таа цел веќе ја пуштивме во пробна работа фотонапонската централа од 10 мегавати на старите наоѓалишта на јаглен во ‘Осломеј’. Таму веќе имаме потпишано договори на основа на јавно-приватно партнерство со партнер од Турција, компанијата ФОРТИС, за дополнителни 50 мегавати, проектирањето е практично во финална фаза, и уште 50 мегавати со уште една компанија ‘Солопро’ на иста основа за дополнителни 50 мегавати. Дополнително, ЕСМ, државната компанија, ќе гради уште 10 мегавати на истиот простор, со што ќе имаме 120 мегавати производство на чиста енергија на стари наоѓалишта на јаглен наместо 120 мегавати, кои во моментот ги имаме од РЕК ‘Осломеј’, загадувачка црна енергија од јаглен“, посочи премиерот на форумот.
Ковачевски го издвои и „Чебрен“ како монументален историски проект, што го воделе веројатно сите влади, а кој првпат се наоѓа во втора фаза.
Премиерот на форумот „100 дена Влада“ го издвои и проектот за 200 мегавати во РЕК „Битола“, кој исто така ќе биде финансиран со мултилатерални стратешки инвеститори, како и проектите за фотонапонски и ветерни електроцентрали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

