Економија
Ковачевски се пожали оти 85 отсто од компаниите не биле џентлменски
Над 85 отсто од компаниите не го почитувале договорот со Владата со кој добија поевтина струја. Според премиерот Димитар Ковачевски, тоа бил т.н. џентлменски договор дека трговците ќе ги намалат цените на основните производи 10 отсто, а во замена за тоа да добијат помали сметки за струја. Директорот на Пазарната инспекција, Горан Трајковски, рече дека извештаите покажуваат оти трговците не ги намалиле цените.
„ДПИ по насока на Министерството за економија изврши детаљни анализи на сите оние компании што користеа субвенционирана електрична енергија и тој извештај го доставивме до Министерството за економија. Законска обврска немаме ние, има Владата, Министерството за економија, за понатамошно постапување. Според детаљниот извештај, над 85 % не ги почитуваа договорените работи, односно немаше намалување на продуктите од ноември, па и во наредните 4 месеци. Имаше компании што воопшто ги немаа намалено производите, но имаше и компании што ги намалија цените. 85 % не ги почитуваа оние бенефити што ги овозможија Владата и Министерството за економија“, рече Трајковски.
Премиерот Димитар Ковачевски го потврди она што го кажа директорот Трајковски.
„Ние имавме состаноци по сите основи и за сите досегашни мерки од почетокот на корона-кризата до денес со сите стопански комори. И сите вие добро се сеќавате дека на состаноците, што ги имаше министерот за економија со производителите на основни прехранбени производи, организирани во стопанските комори, се договоривме дека Владата ќе обезбеди субвенционирана цена на електричната енергија, а тие преку џентлменски договор ќе ги намалат цените најмалку 10 % на основните прехранбени производи што ги произведуваат. И тоа беше јавно соопштено пред медиумите пред Министерството за економија од министерот за економија и претседателот на Комората на производителите на основните прехранбени продукти. Владата својот дел од договорот го почитува, тоа е џентлменски договор, и ние кога цената на електричната енергија беше над 450 евра, 500 евра за мегават-час, обезбедивме цена на електрична енергија од 80 евра за мегават-час. Тоа е петпати помала цена на електричната енергија. Од извештајот на ДПИ се гледа дека голем дел не го почитувал џентлменскиот договор и направивме дополнителни анализи и во согласност со нив ги донесовме следните одлуки, кои значеа укинување на субвенционираната цена, правење детаљни анализи за структурата на трошоците и финалната цена на производите и првин намаливме дел од цените на основните прехранбени производи и ги замрзнавме на ниво на кое сметаме дека, прво, се покриваат трошоците и, второ, се обезбедува фер заработка и на производителите и на доставувачите и трговците“, изјави Ковачевски.
Поради ова, поевтината цена за електричната енергија за компаниите беше укината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

