Економија
Ковачевски: Стратешки го зголемуваме домашното производство на храна и струја
„За прв пат од независноста на државата, донесовме низа на системски и стратегиски одлуки и решенија, со коишто, конкретно се насочивме кон стратешко и одржливо домашно производство на храна и стратешко домашно производство на енергија, тргнувајќи од природните потенцијали на нашата земја: плодна земја, сонце, ветар и вода.
Со овие стратешки политики, овозможуваме, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и независност на државата кога станува збор за достапноста до храна и енергија“ порача премиерот Ковачевски, во обраќањето на годишната конференција „Година на нови можности“.
Регулаторната комисија за енергетика, минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија.
Овие инвестиции имаат значителен придонес во енергетската трансформација и независност“, рече Ковачевски.
Посочи и на системскиот пристап што го постави Владата во обезведувањето храна.
„За прв пат од независноста на државата, оваа Влада се посвети и на приоритетите во земјоделството, за да осигуриме домашно производство на храна. За таа цел донесовме Национален план за производство на храна, со којшто ги поттикнуваме земјоделците да ја употребуваат секоја педа обработливо земјиште. Ова се покажа како вистинска одлука, затоа што веќе имаме зголемени површини за производство на пченица од 15.000 хектари.
Заедно со земјоделците креиравме и нов модел за субвенционирање, со којшто, меѓу другото, ги насочуваме земјоделците кои култури да ги произведуваат, според потребите во државата.
А во 2022 година, успеавме комплетно да ги расчистиме сите заостанати обврски кон земјоделците, со што, за прв пат, оваа 2023 година државата ја започнува без заостанати обврски кон земјоделците“, соопшти Ковачевски.
Тој укажа дека паралелно со стратешкиот пристап во земјоделството и во енергетиката, Владата презема и конкретни краткорочни мерки, за да ги заштити граѓаните и компаниите од енормните поскапувања на храна и на струја, предизвикани од светската економско-енергетска криза.
„Во рамки на заложбите за заштита на животниот стандард на граѓаните, Владата донесе и одлука за ограничување на маржата на основните прехранбени производи, за да се ограничи растот на цените на храната.
Како поддршка во енергетската криза, од април ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80 проценти од реалната цена, за сите домаќинства. Да не беше ова субвенционирање, граѓаните би плаќале пет пати повисоки сметки за струја.
Мерката се однесува и за 72.000 микро, мали и средни компании кои вработуваат 98% од работниците во државата и кои се наоѓаат на регулираниот пазар, каде работат најголемиот дел од вработените во државата.
Донесовме и одлука според којашто и основните и средни јавни училишта, компаниите од прехранбената индустрија и јавните претпријатија од областа на водостопанството можат да склучат договор со ЕСМ- Продажба и да имаат поевтина струја.
За прв пат во 70 години ги активиравме сите расположливи национални енергетски капацитети за домашно производство на струја. Дополнително, граѓаните и стопанството можат по поволни услови и многу брзо и ефикасно да постават фотоволтаици.
Никој не очекуваше дека во најкритичниот месец јануари наместо да увезуваме, ќе извезуваме електрична енергија“, порача Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.