Економија
Ковачевски: Субвенционираната струја и антикризните мерки силна поддршка за граѓаните и стопанството во услови на криза
„Поевропските политики значат и политики на одговорно однесување кон потребите на граѓаните и активно сме посветени и на овој план, паралелно со евроинтеграцискиот процес“, посочи премиерот Ковачевски, во обраќањето пред пратениците во Парламентот, од кои ја побара поддршката Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа.
Ковачевски посочи дека грижата за граѓаните и компаниите Владата ја покажа со донесените мерки за помош и поддршка, во услови на глобалната енергетска и економска криза.
„Тоа го покажавме со сите политики и сетови на мерки што ги донесовме, вклучувајќи го и новиот сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, насочен кон најранливите категории граѓани и компаниите, во вредност од околу 360 милиони евра. Овој сет мерки е продолжување на напорите коишто Владата во континуитет ги презема од почетокот на енергетската и ценовната криза.
Со цел да се забави преносниот ефект од увезената инфлација врз домашните производи, во март 2022 година донесовме Пакет од 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите, проценет на околу 400 милиони евра, а беа предвидени и мерки за мобилизирање капитал од приватниот сектор, односно од комерцијалните банки, со далеку поголеми севкупни ефекти. Ја продолживме и мерката за субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, што се однесува на 611.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи, фирми, коишто вработуваат 98 проценти од вработените во државава.
Исто така, во услови на незапаметената економска и енергетска криза, во мандатот на оваа Влада минималната плата е покачена на 18.000 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика просечната месечно исплатена бруто-плата по вработен, во август 2022 година, изнесува 47.691 денар. Новата методологија за пресметување на пензиите, којашто предвидува континуиран раст согласно трошоците за живот и просечната плата даде резултат и за една година, пензионерите ќе добијат зголемување од минимум 16 проценти, што не се случило никогаш порано. Неспорен факт е дека растат и цените, но она што е факт е дека токму во незапаметената економска и енергетска криза во поновата историја, ние успеваме да качуваме и плати и пензии и да помагаме на ранливите категории граѓани и на стопанството“, рече Ковачевски.
Тој укажа дека е ова направено со одговорни политики.
„Во ова успеваме со заштеди – преку намалените буџетски трошења и преку обезбедени финансирања под каматните стапки актуелни во Европа, бидејќи ја имаме довербата од кредиторите, како држава членка на НАТО и идна членка на Европската Унија. Во завршна фаза се преговорите со Европската Комисија којашто веќе одобри сума од околу 1 милијарда евра за помош на земјите од Западен Балкан, а од ММФ на државава ќе и бидат одобрени 530 милиони евра, од коишто уште оваа, 2022 година, може да се повлечат 110 милиони евра за буџетска поддршка и подобрување на ликвидноста на Буџетот. Струја има доволно на регулираниот пазар во моментов за сите домаќинства и мали и средни компании, при што обезбедуваме покривање на потребите за производство на електрична енергија од домашни капацитети, а во тек се и нови инвестиции во енергетиката“, додаде Ковачевски.
Нагласи дека интеграциите на државата и доброто менаџирање на буџетот даваат резултати.
„Добро менаџирање значи ефикасно користење на средствата, односно создавање од нив дополнителна вредност и секој кој може да придонесе во овој процес е значаен“, рече Ковачевски, на седницата за избор на новиот министер за локална самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

