Економија
Ковачевски – Шијаочин: Светската банка ја одобри новата рамка за партнерство од 695 милиони долари, потврдени правилните владини политики
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска оствари средба со директорката на Светската банка за Западен Балкан, Шијаочин Ју, и директорот на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи.
На средбата се разговараше за новата рамка за партнерство со Светската банка, со која Република Северна Македонија во наредните четири години ќе има на располагање 695 милиони американски долари, кои ѝ се доделени и одобрени вчера од бордот на извршни директори на оваа меѓународна финансиска институција.
На состанокот беа пренесени впечатоците на бордот на извршни директори, кои ги поздравиле постигнувањата и правилните политики на Владата на Република Северна Македонија и поширокиот макроменаџмент.
„Новата рамка за партнерство е продолжение на континуираното партнерство и блиската соработка со оваа меѓународна финансиска институција, кое трае 30 години. Резултат е на нашата посветеност и политиките што ги преземаме за просперитет на општеството, развој на процесите и развој на економијата. Новата рамка за партнерство содржи приоритети што се дизајнирани заедно со Светската банка во повеќе области и е насочена кон подобрување на достапноста и квалитетот на јавните услуги, подобрување на опкружувањето за отворање нови, подобро вреднувани работни места во приватниот сектор, како и зајакнување на отпорноста на климатските промени и намалување на јаглеродните емисии“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на средбата со претставниците на Светската банка.
Премиерот Ковачески додаде дека досега преку ова партнерство се поддржани проекти од 404 милиони американски долари и дека со новата рамка таа поддршка се искачува на 1,1 милијарда американски долари.
Во рамките на новото партнерство за остварување на трите цели дизајнирани се проекти во повеќе области, како што се транспортот, општинската инфраструктура, земјоделство, дигитализација, енергетика, здравство, образование, социјални услуги.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на состанокот потенцира дека рамката за партнерство обезбедува континуитет во реализацијата на почнатите реформи за унапредување на човечкиот капитал и предвидува значајни износи за финансирање реформи во областа на социјалната работа, образованието и здравството, кои водат до просперитет на општеството и забрзан економски раст.
Исто така, рамката се фокусира и на унапредување на бизнис-опкружувањето и инфраструктурата, конкурентноста и модернизација на земјоделскиот сектор, како и енергетската транзиција.
На средбата беше истакнато дека веќе се одобрени и првите заеми во рамките на новото партнерство, односно дека се одобрени 27,5 милиони евра за финансирање на вториот проект за унапредување на социјалните услуги, со кој се проширува пристапот и се подобрува квалитетот на социјалните услуги, вклучувајќи ги предучилишните услуги за ранливите групи.
Одобрен е и заем од 31 милион евра за дополнително финансирање за проектот за надградба и развој на патиштата, наменет за подобрување на транспортната поврзаност по должината на Коридорот 8 помеѓу Скопје и Деве Баир.
Во декември Светската банка како наш значаен и стратешки партнер исто така одобри и заем за буџетска поддршка од 100 милиони долари за воведување политики околу трите столба, и тоа поддршка на климатска транзиција на енергетскиот и финансискиот сектор, зацврстување на одржливоста на јавните финансии и заштита на финансиската стабилност.
Рамката за партнерство како потврда на нашите политики доаѓа по потврдата добиена од Меѓународниот монетарен фонд за правилниот курс и одржливоста на политиките при првиот преглед во рамките на програмата за претпазливост и ликвидност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

