Економија
Колумна на Никола Гулев: Одговорно лидерство за приоритетни економски решенија
Економскиот циклус во којшто се наоѓаме полека навлегува во рецесија и, за жал, сведоци сме на драматични глобални економски текови. Меѓутоа, што би значело тоа за нас и како нашата економија, која е целосно интегрирана со глобалните текови, може успешно да се справи на таквата наметната ситуација.
Во состојба каде што буџетскиот дефицит постојано расте, а државниот долг достигнува загрижувачки вредности, над дефинираните мастришки критериуми (над 60% од БДП), се ограничуваат и можностите и алатките за надминување на наметнатата ситуација.
Ситуацијата со ковид-пандемијата беше сериозна, меѓутоа Владата, како и други администрации низ светот, сериозно ја помагаше економијата преку внесување пари во економијата. Сета таа државна помош краткорочно беше оправдана, но зголемувањето на обемот на пари во економијата без при тоа да се зголеми реалната продуктивност е сериозен проблем кој може да резултира во потенцијално зголемување на инфлацијата. Претходната година се очекуваше дека токму таа производна продуктивност ќе придонесе во 2022 година глобалната економија да излезе од тој инфлаторен ризик. Меѓутоа, наместо тоа, оваа година се случи спротивното. Имено, како резултат на ситуацијата во Украина, инфлаторните фактори дополнително беа поттикнати со растот на цените на нафтата, гасот и електричната енергија.
Сето тоа доведе до оваа драматична ситуација во која сме денес, сведоци на драматично зголемување на цените на сите производи и услуги. Овие ценовни шокови сериозно влијаат на животниот стандард на граѓаните и на профитабилноста на стопанството. Не случајни се сите тие штрајкови и протести што се случуваат во изминатиот период, бидејќи како резултат на инфлацијата куповната моќ на населението секојдневно се намалува.
Доколку глобално и национално не се преземат храбри и одговорни одлуки, постои ризик сите овие инфлаторни фактори сериозно да продолжат негативно да влијаат на целата економија. Како што се предвидува во САД и ЕУ инфлацијата да достигне над 8%, така и Народната банка излезе со прогноза дека до крајот на 2022 година се очекува инфлација од 8,8%, и доколку македонскиот бруто-домашен производ не ја надмине таа стапка од 8,8% македонската економија ќе се соочи со реална рецесија.
Дополнително, инфлацијата може негативно да влијае и на кредитите, бидејќи поради ова високо неодржливо ниво на инфлација централните банки ќе бидат принудени да ги зголемат референтните каматни стапки, што ќе резултира до зголемување на каматите на кредитите. Тоа ќе биде сериозен удар на економската способност на правните субјекти и на животниот стандард на граѓаните. Ова го потенцираше и извршниот директор на ЏП Морган, наведувајќи дека „зголемените инфлаторни притисоци ќе доведат до зголемување на каматните стапки на американските федерални резерви“.
За жал, поради сериозната глобална економска криза, дојдени сме во ситуација решенијата да мора да се донесуваат без одложување. Во овој момент, мора да се даде приоритет на проекти кои ќе создаваат сериозна додадена вредност во економијата, преку кои ќе се овозможи поголем раст на производниот капацитет во однос на растот во економијата. Тоа го истакна и нобеловецот Кругман во неговото излагање на Скопскиот економски и финансиски форум 2022.
Во таква ситуација, мега-инвестицискиот проект за рударскиот комплекс Иловица-Штука се наметнува како најсериозно решение кое веднаш може да биде искористено во насока на успешно надминување на овие драматични последици од глобалната економска криза.
Само за потсетување, за реализацијата на Проектот Иловица-Штука ќе бидат вложени 340 милиони евра директни странски инвестиции, ќе се отворат нови 3200 работни места во текот на работењето на идниот рударски комплекс, ќе се реализира извоз од над 200 милиони евра на годишно ниво, и во државниот буџет ќе се плаќаат минимум 24 милиони евра годишно за даноци. Како краен ефект, со работењето на идниот рударски комплекс, се проценува дека просечно ќе се придонесе до зголемување на бруто-домашниот производ за над 3% на национално ниво.
Проектот ќе создаде сериозна додадена вредност во македонската економија и ќе креира нови работни места, и поради тоа оправдано е да се третира како едно од најприоритетните прашања во оваа економска криза. Можеби претходните години, постоеше некоја комфорна зона за размислување дали и кога да се продолжи со развојот на Проектот Иловица-Штука, меѓутоа денес, во оваа драматична економска криза, таа комотна ситуација за избор веќе ја немаме, и потребата од развојот на ваков тип на проекти е понеопходно од било кога.
Што е уште позначајно, Еуромакс ресоурцес и Трафигура, како најголем инвеститор, во неколку наврати изразија спремност дека веднаш ќе бидат обезбедени потребните странски директни инвестиции од 340 милиони евра за реализација на Проектот.
Проектот Иловица-Штука е веќе тука во нашата држава и може многу брзо, без одолговлекување да се реализира, и истиот може да претставува позитивен пример и генератор на решенијата што ќе следат за подобрување на македонската економија. Поради тоа, во овие драматични времиња, потребно е да се преземат лидерски и одговорни одлуки кои ќе ги заштитат интересите на граѓаните, и без одолговлекување ќе реализираат проекти кои ќе дадат сериозна додадена вредност во економијата.
Никола Гулев, главен финансов директор во Еуромак ресоурцес
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
Дурмиши на средба со Тигањ: Извозот на Македонија кон Хрватска во последните години значително зголемен
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.
Економија
Димовски-Рајс: разговарано за можностите за нови потенцијални инвестиции
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешна средба со Мисти Рајс, извршен директор за владини работи на Магна Интернационал, компанија која во државата веќе има две фабрики во рамки на ТИРЗ Струга и ТИРЗ Штип. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата на глобално ниво, напредокот во Македонија, како и можностите за нови потенцијални инвестиции, се истакнува во соопштението.
Димовски ја истакна улогата на Дирекцијата за ТИРЗ и Владата во создавањето стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина за странските инвеститори, потенцирајќи дека континуираниот дијалог со постојните компании е клучен за долгорочен раст и проширување на инвестициите. Тој нагласи дека институционалната поддршка и координацијата со останатите државни органи претставуваат основа за одржување на довербата кај странските инвеститори. Потенцирајќи ги фабриките на Магна кои работат во рамки на зоните како едни од позначајните капацитети, тој посочи дека главната цел е обезбедување услови во кои постојните инвеститори ќе можат успешно да се развиваат, да ја унапредуваат својата продуктивност и да креираат додадена вредност за националната економија.
Мисти Рајс изрази задоволство од досегашната соработка со институциите и од оперативните резултати на компанијата во земјата, нагласувајќи дека Магна Интернационал внимателно ги следи можностите за понатамошно проширување на своите активности, во согласност со глобалните стратешки приоритети на компанијата.

