Економија
Комерцијална банка склучи договор за продажба на „Еуроникел“
Комерцијална банка информира дека склучи договор за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел индустри“ од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг-компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијта Yildirim Group. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови, се наведува во соопштението.
Во исто време, банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката „Нова рефрактори“ во Пехчево.
„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот ‘Еуроникел’ имајќи ги предвид кредибилитетот и капацитетот на групацијата Yildirim. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сè, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина.
Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е 1963 година и моментно работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.
Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор, кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето“.
Банката, како што се дополнува во информацијата, останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на ‘Еуроникел’ веднаш да ги платат своите обврски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Mint Store – новото лице на паметното купување во Македонија
Во време кога онлајн купувањето стана секојдневие, домашниот пазар има играч кој ја подига летвичката на повисоко ниво. Mint Store се позиционира како прва специјализирана e-commerce платформа во Македонија што нуди паметно, поблиско и пофлексибилно искуство на купување.
Целосно нов пристап кон онлајн трговијата
За разлика од класичните интернет-продавници, Mint Store гради интегриран модел кој ја комбинира удобноста на дигиталниот шопинг со сигурноста на традиционалната услуга. Платформата нуди широка палета на производи — од бела техника, електроника и мали апарати, до спорт, рекреација, мода и lifestyle категории — и станува вистински дигитален дом на современиот потрошувач.
Флексибилност што ја менува навиката на купување
Еден од клучните елементи што го издвојуваат Mint Store на пазарот е можноста за купување на рати до 36 месеци, без долги процедури и скриени трошоци. Покрај тоа, корисниците можат да изберат плаќање при достава или со платежна картичка, а целата трансакција е заштитена со највисоки стандарди за онлајн безбедност.
„Нашата идеја е едноставна – да им понудиме на потрошувачите повеќе избор, повеќе доверба и повеќе вредност за нивното време,“ велат од тимот на Mint Store. „Онлајн купувањето треба да биде искуство, не обврска.“

Купување за новото време
Во период кога времето станува највредната валута, Mint Store ја разбира потребата на модерниот човек да живее поефикасно. Платформата не е само уште една продавница, туку интелигентен систем за купување што го спојува најдоброто од технологијата, практичноста и довербата.
Со својот јасен концепт, транспарентен пристап и ориентација кон клиентот, Mint Store покажува дека дигиталната трговија во Македонија е подготвена за следниот чекор – кон паметно купување што штеди време, пари и енергија.
Mint Store – затоа што новото време заслужува нов начин на купување.
https://mintstore.mk/
ПР
Економија
Собранието ги изгласа измените на законот, ќе се плаќа ДДВ на пратките од „Тему“ и од „Алиекспрес“
Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра.
Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, соопшти Министерството за финансии.
Спроведувањето на измените се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство.
Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените.
Оваа измена претставува значаен чекор во заштитата и развојот на домашната економија, особено во услови на интензивна глобализација и раст на дигиталната трговија.
Дополнително, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса и обезбедуваат фер и контролирана пазарна средина.
Трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи, а мерката ќе обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници.
Со усвојувањето на измените, државата испраќа јасна порака за поддршка на компаниите што создаваат додадена вредност, инвестираат во развој и отвораат нови работни места во земјата, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Претставени новите правила за учество на пазарот на електрична енергија
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, одржа презентација и јавна расправа за „Правилата за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори“. На настанот беше презентиран и Извештајот за работа на МЕМО за тековната година.
На расправата присуствуваа претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, МЕПСО, ЕСМ, како и компании снабдувачи, трговци и производители на електрична енергија. Стручните тимови на МЕМО и раководството презентираа и беа отворени за дискусија со учесниците на настанот.
Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, истакна дека во тековната година активно се реализираат зацртаните цели на Операторот, кој ги интегрира функциите поврзани со управување со пазарот на билатерални договори, интеграцијата на обновливите извори на пазарот на електрична енергија како и Македонската берза за електрична енергија.
„Расте бројот на компании кои тргуваат на домашната берза, како и истргуваната количина, што претставува показател за поголема ликвидност и транспарентност. Веќе 39 компании активно тргуваат и споредено со 2024 година забележуваме раст на истргуваната количина од 40%. До октомври годинава истргувани се над 1 TWh електрична енергија,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека е забележан раст и во производството од обновливи извори кај 178 повластени производители, што го зголемува учеството на зелената енергија во националната енергетска структура. Воедно, значително расте и бројот на издадени Гаранции за потекло – од април до денес издадени се 127.907 гаранции.
Во делот на идните активности, Ѓорѓиевски најави дека се работи на воспоставување на пазар во тековниот ден (Intraday Market), кој се очекува да стане оперативен до крајот на вториот квартал од 2026 година, како и на подготовките за пазарно спојување со европскиот пазар.
Во однос на новите Правила за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори, беше истакнато дека нивната цел е обезбедување ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив пазар, заснован врз транспарентност и недискриминација, согласно законската регулатива од областа на енергетиката и обновливите извори.
Правилата ја утврдуваат целокупната организација, функционирање и регулирање на пазарот на електрична енергија, вклучувајќи ги условите, постапките, правата и обврските на сите учесници, начинот на тргување – домашно и прекугранично – како и уредувањето на набавките, евиденциите и односите со повластените и виртуелните производители.
Новитет во Правилата се воведувањето на Оператор на складиште и Агрегатор како нови учесници на пазарот на големо, согласно новиот Закон за енергетика. По јавната расправа следи процес на одобрување на Правилата од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги од јавен интерес.

