Економија
Копач ја пофали Македонија за усогласување на енергетската регулатива со европската

Под претседателството на Република Молдавија, во главниот град на оваа земја, Кишињев, се одржа состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница за 2019 година. Главен фокус на овој состанок беше ставен на презентацијата на Годишниот извешај за имплементација за 2019 година, на Секратаријатот на Енергетската заедница, како и целите на енергетска заедница за енергетската и климатската рамка до 2030 година.
Осврнувајќи се на Извештајот за имплементација за 2019 година, директорот на Секретеријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, особено го истакна напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на законодавството на Енергетската заедница, односно усогласување на енергетската регулатива во Република Северна Македонија со европската легислатива.
Притоа, директорот Копач, ги истакна позитивните примери, за електронски наддавања за изградба на фотонапонски електрани по принцип на Премиуми, што неодамна се спроведоа, спроведувањето на обврските поврзани со секторот за електрична енергија, како и изработката на националната долгорочна Стратегија за енергетика до 2040 година. По нејзиното усвојување, Северна Македонија ќе биде првата договорна страна на Енергетската заедница со Стратегија за енергетика во согласност со петте димензии за енергија и клима на Европската Унија и многу брзо ќе започнат со изработка и имплементација Националните интегрирани планови за енергија и клима, информираат од Владата.
На состанокот се разгледуваа реформите за подобрување на функционирањето на Договорот за Енергетска заедница. Реформите треба да го зајакнат механизмот за спроведување на Договорот, вклучително и со нов механизам за спроведување, сличен на оној во ЕУ и воведување нови одредби за олеснување на трговијата со енергија и зајакнување на интеграцијата на пазарот помеѓу договорните страни на Енергетската заедница и земјите членки на ЕУ со систем на реципрочни права и обврски. За прв пат, Договорот ќе има задача на Енергетската заедница да се бори против климатските промени и ја нагласува важноста на Парискиот договор. Се очекува преговорите да бидат финализирани во првата половина на 2020 година.
Европската комисија ја претстави тековната работа за генералните упатства за политика за 2019 година за целите до 2030 година и климатската неутралност за Енергетската заедница и нејзините договорни страни. Предлогот за целите од 2030 година сега се очекува во првата половина на 2021 година, заедно со релевантниот законодавен пакет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.